Филозофот Родни Денџерфилд (почина еден месец пред да наполни 83 години), кој ја проучуваше врската помеѓу сексуалноста и долговечноста, понуди најсликовито објаснување: „Јас сум на возраст кога храната го зазеде местото на сексот во мојот живот. Всушност, штотуку поставив огледало над мојата кујнска маса, наместо над креветот во спалната“

Долгиот живот е подарок. Но дали навистина знаеме да бидеме благодарни за него? Во старите времиња, кога повеќето од луѓето не доживувале да остарат, книгите за староста биле многу ретки, а наедно и самите писатели биле релативно помлади личности. Чосер имал околу 50 години кога ја напишал „Приказната за трговецот“, Шекспир не бил постар од 42 кога го создал „Кралот Лир“, Свифт бил на 55-годишна возраст кога ги осмислил бесмртните но болежливи Стралдбрагови, а Тенисон бил 24-годишно момче кога ја започнал поемата „Титонус“…

– Можеби ќе си помислите дека во времето на Шекспир, оној што имал 40 години не бил сметан за млад, но ако ги преживеете раѓањето, заразите, војните и чумата, имате реална шанса да доживеете старост, без разлика на ерата во која сте родени. Просечниот животен век во поголемиот дел од историјата бил многу краток, па можеби тоа е и една од причините зошто не се пишувале книги за стареењето, немало доволен број стари луѓе што би претставувале инспирација и пример. Но, во сегашно време, кога на планетава има повеќе луѓе на над 65-годишна возраст од деца под петгодишна, огромна армија од читатели е во очекување да прочита што би можела да им понуди староста – пишува „Њујоркер“.

Прелистувајќи ги најновите книги што се занимаваат со темата стареење, речиси забораваме дека пред само половина век постарите луѓе беа потиснат и цензуриран предмет на тогашното општество, а староста состојба со која не сакаме да се соочиме. За разлика од тогаш, денес не само што се соочуваме со староста туку и ја глорофицираме. Нашите постари години се време да се славиме себеси и прекрасните нешта што следуваат: патувања, волонтерски активности, гушкање, учење нови вештини и што ли уште не. Се чини дека никој веќе не сака да ја минимизира вредноста на третата доба. Книгите како „Крај на староста: живеејќи подолг и покорисен живот“ (Марк Агронин) и „Психологија на успешно стареење“ (Алан Кастел) имаат цел да нѐ уверат дека стареењето значи само едно – треба да се потрудиме да останеме млади. Агронин, геријатриски психијатар, смета дека стареењето не само што носи сила туку е и најважната цел што ја остваруваме во животот. Овој универзитетски професор по психологија верува во успешно стареење и се обидува да ни покаже како да го постигнеме тоа.

Ештон Еплвајт, која себеси се нарекува авторка и активистка, верува дека старите луѓе сѐ уште сакаат секс и возбуда.
– Домовите за стари лица се расадници на страст и романса – вели таа и додава дека сексуалната желба и возбуда се менуваат со годините, но честопати кон подобро.
Сепак, можеби филозофот Родни Денџерфилд (почина еден месец пред да наполни 83 години), кој ја проучуваше врската помеѓу сексуалноста и долговечноста, понуди најсликовито објаснување.

– Јас сум на возраст кога храната го зазеде местото на сексот во мојот живот. Всушност, штотуку поставив огледало над мојата кујнска маса, наместо над креветот во спалната – се шегува тој.

Стратегијата на овие книги е да истакнат дека стареењето е природно и затоа е добро, идеја што личи на ставовите на Платон, кој живеел околу 80 години и сметал дека филозофијата им прилега само на повозрасните мажи. Неговиот најпознат ученик, Аристотел, имал поинакво мислење; неговата „Арс реторика“ содржи големи пасуси каде што старите луѓе се опишани како мизерни, иронични, дрдорливи кукавици со ладен карактер. Тој сметал дека човековото тело што старее губи топлина. Ваквите остри ставови кон староста биле формирани во првата половина од неговиот живот, но немаме сознание дали тие се смениле пред да почине на 62-годишна возраст.
Филозофот од времето на француската ренесанса Мишел де Монтењ застапувал едно поумерено гледиште. Тој напишал дека долгиот живот е редок, исклучителен и дека само малкумина можат да му се надеваат. Тој лично не доживеал ни шест децении живот. Можеби би го сменил мислењето ако дознаеше дека во нашиов 21 век луѓето рутински живеат подолго од 70 и 80 години. Или, пак, сепак би ја повторил својата позната реченица: Видел ли некој старост што не му аплаудира на минатото и не ја осудува сегашноста? Се разбира, постои шанса да бидете посреќни на 80 одошто на 20 или 40, но физички ќе се чувствувате многу полошо.

Убаво е да се мисли дека човекот е исто силен во староста и младоста, како и дека најважен е умот, но биологијата си чекори по своите закономерности. Со годините се намалува способноста на клетките да генерираат енергија, а нашиот имунитет почнува полека да слабее. Коските стануваат кршливи, очите гледаат сѐ понејасно, а срцето веќе не функционира како часовник… Кратко речено, оптимизмот на писателите што го величат стареењето не е во корелација со мрачната приказна што ја раскажува нашето тело. Но, и покрај тоа, литературата посветена на третата доба продолжува да цути.
– Отпрвин сакаме животот да ни биде романтичен, подоцна – да биде поднослив, а на крајот сакаме само да го разбереме – напиша познатата американска поетеса Луиза Боган.

Задоволната старост веројатно зависи од тоа какви сме биле пред да остариме. Суетните, егоцентрични луѓе веројатно потешко ќе го поднесуваат стареењето од оние што бараат смисла помагајќи им на другите. Среќниците што живееле исполнет и продуктивен живот имаат шанса да заминат без претерано жалење. Се разбира, може да бидеме стари со младешки дух, но телесните рестрикции се неизбежни. Уморното и болно тело многу често ни создава непријатности и нелагода.
– Животот е бавно умирање – напиша Филип Ларкин пред да го напушти материјалниот свет на возраст од 63 години.
Младите луѓе, кои се премногу зафатени со живеење, безгрижно ја игнорираат оваа вистина. Кога само на миг би сопреле, би откриле дека речиси сите книги на темава се залагаат за позитивен став кон стареењето, за да се одржи чувството на задоволство и да се постигне доза на мудрост. В.Б.Н.