Познатиот македонски музичар Горан Алачки неодамна ги постави темелите на културниот центар „Колибите“ во неговото родно Владимирово, во Малешевијата. Тоа ќе биде место каде што ќе се негуваат македонската музика, македонскиот фолклор, македонската песна, ќе се одржуваат разни културни манифестации: ликовни колонии, поетски читања, концерти.

Ќе има голема летна сцена, за околу 1.000 посетители, а објектот ќе содржи хотел со пет апартмани, со голема просторија од стотина квадрати, која ќе се користи како предавална за семинари што ќе се одржуваат тука. Дел од комплексот ќе биде и старата куќа на семејството Алачки, која ќе биде музеј.

Според Горан, „Колибите“ ќе биде еден не само регионален туку и балкански културен центар, фузија на многу убави настани, не само од полето на македонската народна музика. Тој се надева дека ќе има посетители од целиот свет. Доколку сѐ се одвива според планот, првите гости треба да пристигнат во септември.