Во деведесетите години на минатиот век, бразилскиот фотограф Себастион се вратил во неговото родно место во Бразил и бил шокиран од глетката која го пречекала. Областа била пуста, но неговата сопруга Лелиа Делуиз Салгадо била убедена дека можат да ја вратат старата прашума повторно во живот. Брачниот пар решил да направи нешто во врска со тоа и да покаже како мала, посветена група може да влијае врз растителниот и животинскиот свет.

– Земјата беше болна, сѐ беше уништено. Само околу 0,5 отсто од земјата беше со дрвја. Тогаш мојата сопруга ја доби идејата да почнеме со пошумување. Благодарение на новопосадените дрвја, инсектите, птиците и малите животни се вратија, а благодарение на шумата, и јас бев прероден – изјавил Себастион за „Гардијан“.

Заедно, Себастион и Лелиа го оформиле институтот „Тера“, мала отрганизација која засадила околу четири милиони дрвја, обновувајќи прашумата која била уништена.

– Постои нешто што го трансфромира јаглеродниот диоксид во кислород, а тоа се дрвјата. Затоа тие ни се потребни – вели тој.

Грижејќи се секое растение да биде домородно за земјата во која го садат, областа била вратена во својата првична слава и големина во изминативе 20 години. Живиот свет, исто така, е вратен во новосоздадената шума. На местото каде што господарела тишината, сега има какофонија од птичја песна и зуење на инсекти. Во новонастанатата шума сега живеат 172 видови птици, 33 видови цицачи, 293 видови растенија, 15 видови рептили и 15 видови водоземци.

Со овој проект Себастион и Лелиа инспирирале многу луѓе и докажале дека средината може да се обнови доколку вистински се делува.

– Треба да ги послушаме мудрите зборови на луѓето кои живеат на оваа земја. Земјата е составена од природата и од другите живи суштества. Потребно е да имаме духовна поврзаност со нашата планета – објаснува Себастион.

Според Организацијата за храна и земјоделие на Обединетите нации, 129 милиони хектари шума, или поточно област со големина на Јужна Африка, била исечена од 1990 година до денес. Шума со површина речиси колку територијата на Панама се сече секоја година. Секојдневно со исчезнувањето на дрвјата, животните го губат своето живеалиште, а истовермено тоа се одразува и на животот и здравјето на човекот.

Истата област во почетокот на 21-от век и во 2019 година, благодарение на Себастион и Лелиа Салгадо