Интересот за учење корејски значително се зголемил од премиерата на хит-серијата на Нетфликс „Играта лигња“, според извештаите од онлајн-училиштата за јазици, што ја нагласува растечката глобална опсесија со културата во Јужна Кореја, почнувајќи од категоријата забава до козметика.
Апликацијата за учење јазик „Дуолинго“ соопшти дека трилерот, во кој натпреварувачите играат смртоносни игри од детството, во обид да освојат 38,19 милиони долари, ги охрабрил и почетниците и постојните ученици, со надеж дека ќе ги подобрат своите вештини.
„Дуолинго“ објави зголемување на бројот на нови корисници од 76 проценти, кои аплицираат за да учат корејски во Велика Британија и 40 проценти во САД за две недели од премиерата на серијата.
Јужна Кореја, четвртата по големина економија во Азија, се етаблира како глобален центар за забава со својата живописна поп-култура, вклучувајќи ги седумчлената група момчиња БТС и филмовите како оскаровецот „Паразит“, црна комедија за продлабочување на нееднаквоста, и „Минари“ за семејството на корејски имигранти во САД.
Јазикот и културата се суштински поврзани и она што се случува во поп-културата и медиумите често влијаат врз трендовите во учењето јазик. Зголемената глобална популарност на корејската музика, филм и телевизија ја зголемува побарувачката за учење корејски јазик – рече портпаролот на „Дуолинго“, Сем Далсимер.