„Ракутен Вибер“, една од водечките апликации за размена на пораки и бесплатна комуникација, соопшти дека ја прекинува деловната соработка со Фејсбук, објави весникот „Д сандеј монинг“.

– Злоупотребата на кориснички податоци од страна на Фејсбук и неможноста да се справиме со насилниот говор на оваа социјална мрежа ги премина сите граници, поради што Вибер презема соодветни мерки, како што е прекин на закупот на рекламен простор и отстранување на сите точки на контакт од неговата платформа за да заштити повеќе од милијарда свои корисници – стои во изјавата на компанијата „Ракутен Вибер“, цитирана од весникот.

Според извршниот директор на „Вибер“, Џамел Агауа, Фејсбук покажува слаба процена и не умее да ја спознае својата улога во современиот свет.
Тој дополни дека Фејсбук има несовесен однос кон податоците на корисниците и недостиг од приватност во своите апликации, а сега и шокантен недостиг од неопходни мерки за заштита на јавноста од насилен говор.

Точките за контакт со Фејсбук ќе бидат отстранети од апликацијата Вибер до почетокот на јули 2020 г., а закупот за рекламен простор на Фејсбук завршува веднаш.