Причини се уништувањето на животната средина преку сечењето на шумите, неодржливото земјоделство и нелегалната трговија со диви видови, што придонесува за појава на вируси како ковид-19

Светската популација на цицачи, птици, водоземци, влечуги и риби во просек е намалена за две третини за помалку од половина век, се открива во извештајот за животот на планетата за 2020 година. Причините се уништувањето на животната средина преку сечењето на шумите, неодржливото земјоделство и нелегалната трговија со диви видови, што придонесува за појава на вируси како ковид-19. Потоа слатководната биолошка разновидност се намалува многу побргу од онаа во океаните или шумите, па, така, просечната стапка на намалување на слатководната популација од 1970 година изнесува 84 отсто. Па, оттука, Светскиот фонд за диви животни (ВВФ) повикува на итни мерки за да се спречи комплетно трендот на намалување на популацијата до 2030 година, стопирајќи ги уништувањето на природните ресурси и реформирањето на нашиот прехранбен систем.
Светската популација на цицачи, птици, водоземци, влечуги и риби во просек е намалена за две третини за помалку од половина век, се открива во извештајот за животот на планетата за 2020-та, подготвен од страна на ВВФ. Тоа најмногу се должи на уништувањето на животната средина, која придонесува и до појава на зоонотски болести како ковид-19.

Индексот, обезбеден од страна на Лондонското зоолошко друштво, покажува како истите фактори, за кои се верува дека ја зголемуваат можноста за појава на пандемија, стојат зад намалувањето од 68 отсто на популацијата ’рбетници помеѓу 1970 и 2016 година. Главна причина за драматичното намалување на популацијата се и загубата и деградацијата на живеалиштата, вклучувајќи го и сечењето на шумата, а сето тоа за производство на храна.
– Извештајот за животот на планетата за 2020-та истакнува како забрзаното уништување на природата, како последица на човечките активности, има катастрофално влијание не само на популацијата на дивиот свет туку и на човечкото здравје и на сите други аспекти од нашите животи – вели Марко Ламретини, генерален директор на ВВФ.
Најзагрозена е биолошката разновидност на слатководниот екосистем.
– Слатководната биолошка разновидност се намалува многу побрзо отколку во кој било друг екосистем. Од 1900 година снемало повеќе од 70 отсто од светските влажни живеалишта, а од 1970 г. популацијата на слатководни видови е намалена за 84 отсто, повеќе отколку оние што живеат во шумите или во океаните. Светските реки се претрупани со постојната и планирана инфраструктура, потрошувачката на вода расте од година на година, слатководните риболовни подрачја се прекумерно експлоатирани, а животите на милиони луѓе стануваат сѐ понесигурни – информираат истражувачите.

Според нив, со зголемување на слатководната биолошка разновидност, придонесуваме за подобрување на човековото здравје на различни начини – од намалување на можноста од појава на нови болести до зголемена достапност на храна. Сегашната состојба укажува на тоа дека мора да реагираме веднаш. За да го спречиме губењето на слатководната биолошка разновидност, потребно е да се спроведе амбициозен план. Тој вклучува овозможување реките природно да течат, намалување на загадувањето, заштита на клучните влажни земјишта, запирање на прекумерното ловење риби и неодржливото ископување седименти, контролирање на инвазивните видови и заштита и обновување на врската што слатководните земјишта ја имаат со околните екосистеми.
Но, исто така, и производството и потрошувачката на храна како клучни причинители за намалувањето на биолошката разноликост.

Сличен план е потребен за целокупната светска биолошка разноликост.
– Стабилизација и запирање на губењето на природата е можно само ако храбро и амбициозно работиме на зачувување на природата и ако го промениме начинот на кој ја произведуваме и консумираме храната. Неопходни се промени што вклучуваат ефикасно и еколошко производство на храна и нејзина трговија, намалувањето на отпадот, т.е. да одбереме здравје и еколошки прифатлива исхрана – додаваат од ВВФ.