Заради фотографирање на ризични места, со цел да се направи популарен самослик, во светот се регистрирани 31 несреќен случај со смртен исход во првите седум месеци од годинава, односно едно лице неделно го губело животот, се наведува во студијата на фондацијата што е специјализирана за тропска и патничка медицина.
Од истата причина, во периодот од јануари 2008 година до јули минатата година, најмалку 379 луѓе умреле во светот, во просек по едно лице на секои 13 дена, се вели во студијата што ја пренесува шпанскиот весник „Ел паис“.
Како што е оценето, трендот е во подем и по паузата поради пандемијата повторно се појави со црна статистика во првите седум месеци од годинава, пренесува „Танјуг“.
Од починатите, кај 141 станува збор за туристи и 238 се локално население, што покажува дека склоноста кон ризикување е многу поголема кај туристите. На листата што ја сочинуваат 50 држави најмногу починати се регистрирани во Индија (100), САД (39), Русија (33), додека во Шпанија има 15 починати, како и во Австралија.
Авторите на студијата идентификувале и 10 опасни места каде што најмногу луѓе умреле. Тоа се: водопадите на Нијагара, на границата меѓу САД и Канада, Големиот Кањон во САД, Ќарко дел Буро во Колумбија, плажата Пења во Бразил, водопадот Мланго во Кенија, Уралските Планини во Русија, „Таџ Махал“ во Индија, островот Нуса Лембонган во Индонезија и архипелагот Лангкави во Малезија.