Само половина час градинарство, риболов или одење на ден, може да го намали ризикот од срцев удар кај постари лица за повеќе од половина, e резултат на голема студија на фински научници. Студијата опфатила 2.456 мажи и жени, на возраст од 65 до 74 години, а оние што се занимавале со овие активности имале дури и двојно помала стапка на смртност во текот на студијата од оние што биле неактивни. Досега има многу докази за тоа како разни активности придонесуваат за подобар живот на помлади или средовечни лица, но оваа студија се фокусирала исклучиво на оние над 65 години. Учесниците во студијата биле поделени во три групи според начинот на кој ги оцениле своите активности како малку, средно и многу застапени во нивниот живот.

Најмалку активните имале помалку од четири часа неделно движење или вежбање. Тие имале 54 отсто повисока стапка на смртност од срцеви проблеми, со 31 отсто поголем ризик од срцев удар и мозочни удари, во споредба со оние што биле умерено активни и имале над четири часа физичка активност неделно. Споредено со групата на најактивни, неактивните починале во текот на студијата, две третини почесто, и доживеале срцев удар и мозочен удар скоро двојно почесто, 45 отсто.

Студијата траела 12 години, за време на кои биле следени сите три споменати групи на стари лица. Авторите на студијата тврдат дека е важно да се започнат активности во кое било време и дека ризиците можат да се намалат без оглед на претходното однесување.