Гласањето и борбата за права на животните се подеднакво важни за овој жител на покраината Сорија

Изборите во Шпанија се одвиваа главно без инциденти, а исто така имаше и неколку интересни случки за време на гласањето. Еден службеник од Сорија на гласањето се појави облечен како поларна мечка, додека гласачи облечени како ликови од „Војна на ѕвездите“ гласаа во Севилја. Во едно село, гласањето на изборите траеше цели 32 секунди, пренесува „Јуроњуз“.

Мечката од Сорија

Одреден службеник се појавил на гласањето во селото Ел Бурго де Осма, кое брои околу 5.000 жители во покраината Сорија, облечен во костим на поларна мечка. Тој е поборник за правата на животните, а исто така редовно учествува во маршовите против борбата со бикови. Во изборното законодавство на Шпанија не постои забрана за учесниците на гласањето да се појават во костими.

„Војна на ѕвездите“ во посета на Севилја

Неколку обожаватели на филмот „Војна на ѕвездите“ се појавија на гласањето во Севилја облечени како нивните омилени ликови. Сепак, пред да гласаат тие мораа да ги извадат шлемовите и да ги симнат качулките. Граѓаните кои излегоа да гласаат беа позитивно изненадени од ваквата појава, пренесуваат шпанските медиуми.

Палпатин и неговиот империјален стражар гласаа на изборите во Шпанија

Нов рекорд во брзо гласање

Осумте регистрирани жители на Вилароја, село на околу 60 километри од градот Логроњо, во малиот вински регион на Ла Риоха, успеаја да го срушат нивниот рекорд во брзина на гласањето. Тие гласале за рекордни 32 секунди, соборувајќи го претходниот рекорд од 40 секунди во нивното единствено гласачко место. Градоначалникот Салвадор Перез објаснува дека гласачите морале да бидат на гласачкото место во осум часот наутро бидејќи самите тие се во фунцкија на  службеници на гласањето. Тие го држат овој рекорд со години наназад.