Групата „Ху си“ ќе гостува на „Д-фестивал“

По првиот бран изведувачи што го сочинуваат артисти од современата македонска музичка сцена – Горан Трајкоски, Дуке Бојаџиев, групата „Архангел“ и скопското андерграунд-трио „Палиндром“ – „Д-фестивал“ ги претстави и првите тројца странски артисти за годинашното, осмо издание.
Станува збор за три атрактивни имиња, кои првпат ќе настапат во Македонија, и тоа: една од најголемите ѕвезди на новата светска музичка сцена, Финк од Велика Британија, омилениот хипхоп-тандем во регионов „Ху си“ од Црна Гора и руската активистка, уметница и основачка на „Пуси Риот“ – Марија Аљохина, која ќе се претстави со музичкиот проект „Riot Days by Pussy Riot Theatre“.
Финк, талентираниот и страстен англиски кантавтор придружуван од својот бенд, гостува на „Д-фестивал“ на 8 јули, кога на главната бина ќе ни ги претстави новиот албум „Resurgam“ и инспиративната музика преполна со искрени емоции преточени во квалитетен блуз, индирок-звук.
Истиот ден на главната бина на фестивалот ќе го погледнеме перформансот за активизмот, политичкиот отпор, злоупотребата на моќта, нечовечните услови во затворите, но и за надежта за подобро општество. Спојувајќи ги театарот, филмот и музиката, овој активистички проект на Марија Аљохина ја раскажува сторијата на дисидентската панк-група затворена во Русија поради критикување на власта. „Слободата не постои доколку секојдневно не се борите за неа“, вели Аљохина. Покрај концертот, нивниот перформанс ќе го отвори и размислувањето за улогата на слободната уметност и нејзиниот однос со политиката.
„Ху си“, или во превод кој гледа, е првиот артист од регионот што се придружува во програмата на „Д-фестивал“. Милениците на регионалната публика, которскиот хипхоп-тандем познат и по соработките со познати домашни и светски музички имиња, ќе ги претстават најпопуларните хитови во живо на првиот фестивалски ден, 6 јули, на главната бина.