Тејлор Свифт, Џенифер Лопез и Опра Винфри ќе бидат дел од глобалниот специјален телевизиски пренос овој викенд, со кој ќе им се оддаде почит на здравствените работници за нивните напори на првите линии на фронтот против епидемијата на коронавирусот, соопштија организаторите, а пренесува „Ројтерс“.
Настанот „Еден свет заедно дома“ (One World Together at Home), комбинација на музика, комедија и сведоштва на доктори, медицински сестри и продавачи во супермаркети, исто така, ќе содржи и дополнителен шестчасовен стриминг-настан со настапи на големи спортски ѕвезди, вклучувајќи ги и светскиот шампион во Формула 1 Луис Хамилтон, американската фудбалерка Меган Рапино, најуспешната скијачка на Светскиот куп Линдзи Вон, десетици пејачи, актери и влијателни личности на социјалните мрежи.

Утрешниот стриминг-настан ќе ѝ претходи на двочасовната емисија што ќе се емитува низ повеќе северноамерикански и интернационални телевизиски мрежи в сабота навечер, што ќе биде најголем обид досега да се покаже солидарност со здравствените работниците.

Сите учесници на настанот, организиран од Светската здравствена организација (СЗО) и организацијата „Глобал ситизен“, ќе се појават од далеку поради препораките за физичко дистанцирање за да се спречи ширењето на болеста, од која починаа повеќе од 124.000 луѓе низ светот.