Слеш од „Ганс енд роузис“ ги обожава гитарите „гибсон“

За да ја вратат старата слава и повторно да ја кренат компанијата на нозе, во „Гибсон“ наведуваат дека ќе го прекинат прекуокеанското работење и ќе му се вратат на стариот бизнис – производство на легендарните гитари

Еден од најпознатите производители на електрични гитари, компанијата „Гибсон“, побара поведување банкрот поради големи загуби и лошо работење. Фирмата извесно време работела со долг од 500 милиони долари, кој е создаден поради аквизиција на производителите на електронска опрема надвор од границите на САД, пренесе агенцијата „Ројтерс“.
За да ја вратат старата слава и повторно да ја кренат компанијата на нозе, во „Гибсон“ наведуваат дека ќе го прекинат прекуокеанското работење и ќе му се вратат на стариот бизнис, производство на легендарните гитари и придружна аудиоопрема за професионални и аматерски музичари.

– Овој процес практично ќе биде невидлив за корисниците, кои и натаму можат да бидат сигурни дека „Гибсон“ ќе им понуди неспоредливи производи и услуги на купувачите – изјави Хенри Јуцкиевич, извршен директор на „Гибсон“.
Исто така, најавено е и реструктурирање во компанијата, за од банкротот да излезат до 24 септември. Тоа значи дека партнерите на „Гибсон“ на кои фирмата им должи („Силвер поинт капитал“, „Мелоди капитал партнерс ЛП“ и фондовите поврзани со „ККР адвајзерс“), овој долг ќе го заменат со сопственички удел во компанијата.
Од „Гибсон“ наведуваат дека продажбата на нивните гитари минатата година изнесувала 122 милиони долари, наведувајќи импресивен податок дека продале над 170 илјади гитари во 80 земји во светот. Производството на електричните гитари „Гибсон“ сѐ уште се одвива во Нешвил и Мемфис, каде што и во далечната 1894 година почна оваа приказна. Со текот на годините беше отворена и фабрика за акустични гитари во Монтана.

Со гитарите на компанијата „Гибсон“ свиреле познати светски музичари како: Елвис Присли, Ерик Клептон, Џон Сајкс, а најпозната во светот е гитарата „гибсон лес пол“, која го доби името по таткото на електричната гитара Лес Пол. На неа свиреле музичарите Били Гибсон од групата „Зизи топ“, Слеш, Џими Пејџ, Гери Мур и многу други.