Фото: Дарко Андоновски

Во секојдневието постојано го извештувам зборовниот израз, будно да се употребува, да се искаже вистината, да се поттикне имагинацијата. Чувството зад зборот да е соодветно со реченото, вели Весна Малинова

Весна Малинова-Бабамов, текстописка и музичарка

Весна Малинова-Бабамов веќе дваесетина години им дава душа на песните со своите стихови, кои, како што вели, се поттикнати од времето во кое егзистира. Преку нив таа ги открива и своите тајни, но испраќа и пораки. Повеќето од нив станаа хитови и пејачите за кои се напишани ги пеат заедно со публиката на своите концерти. Но Весна е позната и како композиторка, поточно кантавторка, и веќе размислува за свој соло-проект, но сѐ уште го чека вистинското време за тоа.
По подолга пауза, таа учествуваше на годинашниот „Макфест“ во нејзиниот роден Штип, со две свои песни, за кои ги напиша и музиката и текстот, тоа се „Време“, која ја отпеа Дани, и „Моите солзи“ со Наталија Данаилова.

„Макфест“ за вас и за вашата кариера има посебно значење. Какво беше чувството повторно да сте дел од оваа манифестација, не само во натпреварувачкиот дел туку и во сѐ што со себе го носи фестивалот, како позитивна појава на македонската музичка сцена?
– „Макфест“ отсекогаш бил пријателска сцена за претставување на македонското популарно музичко творештво, интересна компилација, од различни гласови и авторски музички слики, која, кога ќе се прими одеднаш, се отсликува атмосферата во која моментално живееме како нација. Мене лично, „Макфест“ ми е убава школа за тренинг на отприврзување и показател на менливоста на нештата. Како дел од моето детство во Штип, за мене тој, освен професионална (подоцна низ годините), повеќе имал емоционална вредност. Како оние луѓе што влегуваат под кожа и секогаш им простуваш, што и да згрешат. Во срцето блиски. Ја почитувам истрајноста на редакцијата на „Макфест“, која повеќе децении се вложува да биде фестивалот постојан, но не може да ги избегне игрите на менливоста. Неколку години се изземав, како лично присуство, од тие игри, бидејќи некои правила и намери не ми беа сродни. Оваа година (благодарение на менливоста), талентираниот Владимир Дојчиновски стана нов уметнички директор на „Макфест“ и со негова инспирација и во име на другарството, се придружив пак. Искрено, ми недостига Стојан Троицки, за мене симболот на „Макфест“, и ме чуди што сѐ уште не се враќа наградата за најдобар текст, бидејќи тоа признание ја поддржувало вредноста зборовен текст во песна и давало патоказ за изразување и за писменост, како и поттик да се стилизира тој многу важен дел од една песна.

На македонските забавни мелодии им дадовте душа, посебен сензибилитет со вашата музика и прекрасни текстови, кои ги красат уникатност и посебна енергија. Колку ни откривате некои свои тајни во нив?
– Сите тајни ги откривам. Некогаш и брзам. За една „тајна“ да биде обелоденета, потребна е подготвеност на тој што ја прима. А јас имам страст да го пренесам секое ново спознание и свест веднаш и понекогаш се случува да се препознае некоја песна дури по неколку години. Понекогаш јас самата ја разбирам приказната по неколку месеци.

Со некои пејачи соработувате долги години. Дали тоа што добро ги познавате ви го олеснува патот до нивните срца, до текстовите што ги отсликуваат во вистинска смисла на зборот?
– Во суштина, пејачите не мора добро да ги познавам како личности. Познавајќи се себеси, ги познавам сите – сум низ секоја форма. Вибрацијата на чувството со кое е обоено нечие постоење е она што го препознавам кога создавам наменски или кога одбирам од песните што се веќе создадени и оформени како мелодии или зборови. Вистина е дека некои од пејачите ми станале долговремени соработници. Сме се пронашле како сродни и сме се поврзале на ниво на пријатели и на основа на слични креативни потреби и намери – што сакаме да му пренесеме на светот.

Музиката, а особено зборот е силно оружје. Дали често го употребувате на тој начин, како опомена, жигосување, пофалба или казна? Дали вашите песни се пораки до луѓето?
– Секоја уметничка творба е порака до луѓето, исказ, поттикнат од времето во кое егзистирам, собрани во едно сите импресии, емоционални реакции на сите социјални, општествени случувања и дразби, како и свеста, која е над секоја земна импресија и ги поминува границите на малото, а е сеопфатна. А во секојдневието постојано го извештувам зборовниот израз, будно да се употребува, да се искаже вистината, да се поттикне имагинацијата. Чувството зад зборот да е соодветно со реченото. Инаку, кога бев помлада и немав толкава свест за зборот, често знаев да се расфрлам и да звучам сурово, па дури и да повредам. Зборот се одбира. А неговата најважна улога е да ѝ направи пат на тишината.

Размислувате ли за книга, збирка во која на едно место ќе ги соберете вашите песни или, пак, можеби за нешто поголемо, роман на пример?
– Размислувам. Творбите ги имам, издавањето го одолжувам.

Постојано растете, созревате… Дали со годините нештата стануваат појасни или покомплицирани, понедофатливи?
– Стануваат повеќе јасни, подопирливи и целосно прифатливи. Како растеме и зрееме, имаме можност да стекнуваме способности за да ја развиваме уметноста на живеењето, свесноста и медитативното – лековито, достоинствено бидување човечко суштество.

Кога ќе присуствуваме на ваша кантавторска вечер, со многу гости? Недостига поет, музичар, креативец и исполнител како вас?
– Подолго време се појавува таа слика, а јас некако сѐ уште не ја избирам. Една блиска другарка, кога и да ѝ презентирам некоја нова песна, или ќе ѝ прочитам поема, секогаш без исклучок гори во идејата тоа јавно да го презентирам. Јас каде што сум сега со вниманието, секогаш итро наоѓам некој изговор, кој најчесто на крајот се сведува на – си доаѓа вистинското време. Можеби тоа што од почетокот на мојата професионална реализација сум ги пуштала делата да бидат во преден план, а јас како личност во заднина, некако ми станало навика да останам таму. Фала ви на двете што ме поттикнувате за пробив во нови реалности и слободи.


Најдобар другар на патеката за себереализација

Кажете ни нешто за вашата сродна душа, сопругот Киро (Кирил Бабамов), кој, како што велите, ви ги бои секој збор и секоја мелодија со своите жици, срце и тишина. Колку ви значи неговата поддршка, соработка, љубов…?
– Ах, Киро. За мене, тоа е постоење над сопруг и над колега. Тоа е сродна душа на вистината, на љубовта и на секое суштество што тежнее да вибрира на фреквенцијата на љубовта. Најдобар другар на патеката за себереализација, ментор за свеста, храброст за соочување со секоја лична бариера, инспирација за безусловно љубење, на сѐ – себе – секого – животот. Музиката низ таа свест ја искусувам божествено.