Литературниот клуб „Китка“ од Кичево, во соработка со центарот за култура „Кочо Рацин“, вечерва по четврти пат ги организира традиционалните литературни средби со работен наслов „Поетски ѕвезди – 2020“. Поводот за овој настан е Меѓународниот ден на жената, 8 Март.

– На поетското читање со свои творби на теми за љубовта, жената, мајката, ќе се претстават поети од локалниот клуб „Китка“ од Кичево и членови на поетските клубови од Охрид, Прилеп, Демир Хисар, Македонски Брод, Скопје и други градови во земјава. Секој од поетите учесници ќе се претстави со по една своја песна. Очекуваме љубителите на пишаниот збор и поетите од градот, вечерва, да дојдат во голем број во салата на Центарот за култура и да уживаат во инспиративните песни на талентираните поети од сите генерации од земјава – истакна Мазлам Османи, директор на Центарот за култура, под чија закрила работи и литературниот клуб.