Систем од тунели и резервоари наречен јапонски подземен „партенон“ ги штити Токио и околината од катастрофални поплави, пренесува „Франс прес“. Експертите предупредуваат дека ризикот од вакви поплави расте поради ефектите на климатските промени.

Речиси и да нема видливи знаци на површината од овој голем инженерски подземен зафат наречен „Касукабе“, кој е и најголем подземен резервоар во светот. Оваа структура е толку голема и длабока што на некои места во неа би ја собрало Статуата на слободата. Системот го пренасочува вишокот вода од бурите и тајфуните и со тоа го штити Токио од поплави. Главниот резервоар го потпираат бетонски столбови од кој секој тежи 500 тони, и е со површина на две фудбалски игралишта.

Резерварот „Касукабе“ е поврзан со тунел долг 6,3 километри и може да ја испушти со голема брзина насобраната вода во блиската река Едогава. Изграден е во 2006 година. Неговата изградба чинела околу 2,2 милијарди долари. Истиот се користи околу седум пати годишно.