Новиот напреден подводен дрон, кој моментално е во фаза на развој, ќе овозможи инсталирање, одржување и проверка на илјадници километри океански цевководи. Станува збор за подводен дрон во форма на змија, кој може да работи до шест месеци без потреба да излегува на површина, а тоа значително ги намалува трошоците. Дронот, наречен „Илум“, е долг шест метри и содржи камери и сензори за подводна навигација. Може да се чува во станицата на длабочина до 500 метри дури шест месеци, без да мора да излегува на површина во кое било време. Неговиот опсег е до 20 километри со едно полнење на батеријата.
Збирот од различни алатки му овозможува на дронот да извршува неколку задачи, од користење подводни вентили до отстранување на морската флора, седименти и слично.
Многу подводни цевководи веќе ги одржуваат возила без човечко присуство, но се контролирани од екипаж на бродови. Ваквите операции може да чинат и до 100.000 долари дневно. Меѓутоа, новиот робот треба да стане „подводен жител“ и „да живее“ во подводна станица за да може да биде мобилизиран во секое време да спроведе инспекции и одредени интервенции.
Еден од првите инвеститори во роботот е норвешката нафтена компанија „Еквинор“. Во оваа компанија се убедени дека роботот ќе ги намали трошоците, но и ризикот на кој луѓето се изложени при опасни услови на море. Наместо директно да ги извршуваат задачите, луѓето ќе можат да го контролираат роботот од брегот.