Меган Маркл, војвотката од Сасекс го посети женскиот центар во Ванкувер, во нејзиниот прв јавен настап откако таа и нејзиниот сопруг, принцот Хари, објавија дека ќе се повлечат од своите улоги како членови на британското кралско семејство. Насмеаната војвотка е фотографирана заедно со персоналот во женскиот центар, пренесува Си-ен-ен.

– Погледнете со кого пиевме чај денес. Војвотката од Сасекс, Меган Маркл, не посети денес за да разговараме за прашањата кои влијаат врз животите на жените во заедницата – беше напишано на фејсбук страницата на центарот, покрај фотографијата од средбата.

Меган изминатите денови е во Канада заедно со бебето на кралската двојка Арчи, додека кралското семејство се обидува да се справи со кризата по објавата дека Меган и Хари сакаат да ги намалат своите должности.

Вчерашната посета во женскиот центар е прва потврда дека Меган е во Ванкувер, за што многу се шпекулираше изминатиов период.