Македонското здружение за култура, обичаи и традиции „Гороцвет“ денеска и утре ги организира 18. „Дебармаалски серенади“, посветени на виното и љубовта, по повод Свети Трифун и Свети Валентин.
„Дебармаалски серенади“ почнуваат во 17 часот, со кршење дебармаалска погача со песна, музика и вино. Потоа со серенади се оди по улицата Костурски херои, по улицата Дебарца кон кафеаната „Антица“, каде што се пее и наздравува со бело и црвено вино. Во „Идадија М“ се продолжува со греана ракија, песни за виното, љубовта и поезијата.

Серенадите продолжуваат во кафеаните „Скопски мерак“ и „Дебар Маало“, каде што, покрај серенади и поезија, се одржува и беседа за виното и љубовта. Завршниот дел е во слаткарницата „Апче“, каде што со серенади и поезија се засладуваат со торта и боза учесниците на 18. „Дебармаалски серенади“.
Учесници на манифестацијата „Дебармаалски серенади“ се голем број уметници, музичари, поети, меѓу кои: Живко Поповски-Цветин, групата „Велешки чалгии“, Горан Алачки, Милка Ефтимова, Љупчо Ангелов – актер и гитарист, Верица Ристевска, Драган Мијалковски, Ристо Краповски, Атина Апостолова, Круме Спасовски, Вики Среброва, Хорот „Серенада“, Валентина Ѓоргиевска-Парго, Моника Стојанова, Тања Стоилковска, Драгица Пандиловска, Илко Димитриевски, Лидија Јеремиќ-Лучко, Горан Анчевски, Јовче Петковски, Емил Чинго и други.

Закројување на лоза и пуштање порака за мир и љубов во реката Вардар од мостот кај „Жабарот“ ќе се случува на 14 февруари (петок), во 11 часот.