Андре Риу, холандскиот крал на валцерот и човек што овозможи класичната музика да биде достапна за сите, заедно со својот оркестар „Јохан Штраус“, во ноември повторно ќе настапи во Скопје како дел од својата светска турнеја. Маестро Андре Риу во ноември повторно ќе се претстави пред македонската публика. Ќе имаме шанса да чуеме една сосема нова програма исполнета со фантастични филмски мелодии, мјузикли, опера и оперета, како и традиционална музика.

– Јас и мојот оркестар сме многу радосни за повторното гостување во Скопје, во состав на нашата светска турнеја. Концертот во 2019 г. беше навистина емотивен и незаборавен, а прекрасната публика нѐ пречека со огромен ентузијазам. Со нашето враќање во ноември ги прославуваме љубовта, животот и, секако, музиката – вели Андре Риу.

Андре Риу верува дека класичната музика е создадена за сечие уживање, па преку својата умешност, на забавен начин, ја приближува до сите возрасти. Токму поради таа причина, Андре е еден од најдобрите изведувачи на нашето време. Неговите настапи се многу повеќе од само музика – раскошни фустани, романтични светла и пространи платна зад оркестарот, заедно со голем број интернационални солисти и сето тоа зачинето со добар хумор. Риу се наоѓа на првото место на над триесетина топ-листи, добива 500 награди „платинум“ и продава повеќе од 40 милиони ЦД и ДВД-изданија.