Научниците објавија дека на најголемата месечина на Сатурн, Титан има многу езера, планини и песочни дини, а нејзината површина е создадена од истите сили што ја формирале и Земјата.
Тимот истражувачи, предводен од Росали Лопез од Технолошкиот институт во Калифорнија, соопштија дека видливата надворешност на Титан е една од геолошки најразновидните во Сончевиот Систем, пренесе „Франс 24“.
– И покрај разликите во материјалот, температурите и гравитациските полиња помеѓу Земјата и Титан, многу од карактеристиките на нивните површини се слични и можат да се толкуваат како производ на исти геолошки процеси – изјавиле научниците за списанието „Нејчр астрономи“.

Со користење на радарите и инфрацрвените податоци испратени од сега веќе непостојната сонда Касини, која ја заврши својата 20-годишна мисија со распаѓање на површината на Сатурн во 2017 година, научниците успеаја да пополнат многу празнини во мапирањето на Титан, кој е оддалечен околу 1,2 милијарда километри од Земјата.
Тие откриле дека дините и езерата се релативно млади, а планинските области се малку постари.
Површината на Титан е обликувана со наталожување и ерозија, со дини на екваторот, висорамнини во центарот и езера на половите.

Исто како и на Земјата, на површината на Титан има кратери, ерозија, движење на тектонските плочи и вулкански активности.
– Титан е единственото познато небесно тело, освен Земјата, на кое има течни површини. Метанот на многу ниски температури се појавува во три состојби, цврста, течна и гасовита, а на Титан се прави циклус, кој на Земјата е сличен на дождот, кој создава езера и реки и потоа испарува за повторно да се обликуваат облаци – објаснува Алис Ле Гал, која работела на истражувањето.