Игор Талевски, директор на „Ехо“

Филм со над 2.100 минути ќе биде прикажан во три киносали, одлични гости презентери, конкурси за најдобра планинска фотографија и кратко видео, лотарија за публиката, книга за дел од историјата на словенечкиот алпинизам, се дел од досега најбогата програма на деветтото издание на фестивалот на планински филм „Ехо“.
Според Игор Талевски, публиката во текот на таа недела ќе треба да биде сериозно кондициски и психички подготвена да ја прими таа силна енергија што ќе се сподели со нив. Фестивалот, чии проекции ќе се одржат во кината „Милениум“, „Фросина“ и во џебното кино на МКЦ, ќе трае од денеска до петок.

Што ве поттикна да го креирате овој фестивал? И дали тој е блиску до својата цел?
– Фестивалот е инициран од група активни вљубеници во планинските спортови. Гледајќи го недостигот од отвореност кон јавноста, како и недостигот од едуцираност и разбирање на јавноста за овие спортови, се одлучивме да направиме настан што ќе ја собира заедницата што ги практикува овие спортови, да се инспирираме заедно, но секако и пошироката јавност, која со тоа ќе има убава можност преку повеќедневен настан да ја почувствува енергијата на оваа растечка популација, гледајќи филмови и слушајќи презентации на широк спектар на теми поврзани со планините.

Што гледате кога ќе погледнете низ „времепловот“ на „Ехо“. На кој начин еволуираше?
– Еволуираше програмски. На почетокот направивме настан што беше само филмски, но уште тогаш сакавме, и еве низ годините успеавме, покрај тоа да пренесеме малку и полични искуства, поинтимна комуникација на практикувачите на тие активности со публиката, организирајќи презентации, а исто така сакавме да обезбедиме и подолгорочна оставнина како фестивал за публиката, објавувајќи книги. Филмовите во тие неколку дена ќе бидат прикажани и ќе си заминат, секако оставајќи убава трага зад себе, но книгата останува засекогаш.

Што ја интригира најмногу публиката? Кои филмови имаат највисок рејтинг на „Ехо“?
-Публиката на „Ехо“ е суперотворена за секој тип активност што подразбира уживање во планините. Ниту ние како организатори, ниту публиката, верувам, може да каже кои филмови, како група, би имале највисок рејтинг. Можеби ќе можат да посочат филм што им оставил најголем впечаток, но како група мислам дека ги интересира сѐ. Секој планинар или скијач го интересира на пример тоа што некој спелеолог во некоја пештера го истражувал, секој параглајдерист го интересира одредена ски-алпинизам експедиција и обратно. Нашата програма и на дневно ниво ја правиме така што во текот на денот споделуваме филмови и презентации на различна тематика, притоа овозможувајќи голем број групи, кои се „колеги по планините“, да се запознаат подобро, да комуницираат, да се разбираат и да се почитуваат повеќе.

Кои се најдобрите критики што ги има собрано фестивалот и што ве мотивираат секој нареден пат да склопите уште подоброто издание?
– Тимот што работи на „Ехо“ се води од една себенадминувачка политика. Самите сме суперпасионирани од година на година да обезбедиме подобри и повеќе приказни, подобри гости, повеќе книги… Тоа е наша лична, силна мотивација. За нас и пред нас самите. Не дека не ни значат критиките и пофалбите, но верувајте дека ова би го правеле и следната година, со еднаква посветеност, макар и за само еден човек во публиката.

Кои планини ги помести „Ехо“?
– „Ехо“ успеа на мапата на македонската култура да го внесе планинскиот филм. Успеа во светот на издаваштвото да отвори полица со насловот „планинска литература“. Успеавме да инспирираме отвореност и креативност на темата за планината, нашата публика да создава визуелни приказни преку фотографии и кратки видеа. Денес овие 2-3 работи на голем број од луѓето им се супернормални, но пред само 9 години не беше така. Далеку од тоа. Веруваме дека како настан и платформа, со голема публика зад нас, придонесуваме за поголема видливост на сите планински спортови, но и на сѐ што претставува соживот помеѓу природата, планините и човекот и тоа може да биде само добро за сите, за активните спортисти, за активистите за животна средина итн. Придонесуваме во гласноста на овие теми и тоа е најтешката планина што пред 9 години одлучивме да почнеме да ја искачуваме како тим.

Кој филм е ваш личен фаворит од деветтото издание што задолжително треба да се погледне?
– Уф, не би можел да издвојам, верувајте. Тоа што ме радува е што сите филмови, а посебно силните авантури прикажани во некои од нив, се прикажани на многу скромен начин, со очигледна доза човечност во односот кон планините и искуствата од комуникацијата со нив, без евтино себеглорифицирање или слично.

Што сакате следно да се најде на агендата на „Ехо“? Кои се амбициите на фестивалот?
– Имаме многу идеи. Не знам од каде да почнам. Но, ајде вака, прво годинашното издание да го реализирам успешно, па потоа ќе разговараме и за следните активности. Тоа што прво ќе следува е турнејата низ неколку града, така што тие што нема да можат да дојдат во Скопје во текот на тие денови, нека не се обесхрабруваат, ќе дојдеме ние.