Малку е познато дека во 1960-тите години членовите на легендарната група „Битлси“ се обиделе да ги откупат филмските права за култниот филм „Господар на прстените“. Џон Ленон во римејкот на филмот сакал да го глуми Голум, Пол Макартни, пак, имал желба да биде Фродо, а групата сакала филмот да го режира Стенли Кјубрик. Сепак, планот им се изјаловил кога заедничката соработка ја одбил авторот на епскиот роман, Џ.Р.Р. Толкин.

Сега, со чудна игра на судбината, новиот филм за „Битлси“ ќе го режира Питер Џексон (57), кој во 2001 година го режира филмот „Господар на прстените“ на големото платно, објави Би-би-си. Оскаровецот ќе го оживее напнатото снимање на последниот албум на славниот британски бренд „Let It Be“, користејќи 55 часа досега непознати видеоснимки од 1969 година.

Џексон во соопштението за јавноста го опишал филмот како ултимативно искуство за кое обожавателите на „Битлси“ веќе долго сонуваат.

– Тоа е како некоја временска машина да ве врати во 1969 година, како да седите во студио и набљудувате четворица пријатели како заеднички создаваат чудесна музика – изјави Џексон.

Снимките своевремено требало да се употребат за телевизиски документарец, но на крајот станаа основа за филмот „Лет ит би“. Пол Макартни и Ринго Стар долго размислувале дали да ја прифатат оваа идеја. Наводно, не им се допаѓало тоа што акцентот во снимките е ставен на нивните несогласувања во првите денови на снимањето на албумот, искуството што Џорџ Харисон своевремено го опишал како „најлошо од најлошото“, а Ленон едноставно го нарекол „пекол“.

Но, по сѐ изгледа, верзијата на Питер Џексон ветува многу поведра слика на ова снимање, кое кулминира со настапот на бендот на покривот на студиото „Епл корпс“ во Севл Роу во Лондон, точно пред 50 години, на 30 јануари 1969 година.