Жителите на населбата Бирдлинг Флат, која се наоѓа јужно од градот Крајстчерч, на брегот на Нов Зеланд пронашле пингвин, кој пристигнал од Антарктикот, оддалечен најмалку 3.000 километри.
Пингвинот, кого месното население го нарекло Пингу, го пронашла брачната двојка Синг, која на почетокот мислела дека е кадифена играчка.
Ова е само трет сличен настан во кој аделиски пингвин бил пронајден на брегот на Нов Зеланд.
– Мислевме дека е кадифена играчка, но одеднаш почна да ја движи главата, па сфативме дека се работи за вистински пингвин. Тој не се помрдна цел час и изгледаше исцрпено – рекол Синг.
Синг побарал помош од Томас Страк, кој десет години им помага на пингвините на јужниот остров. Тој бил шокиран кога го видел пингвинот адели толку далеку од неговото живеалиште на Антарктикот. По закрепнувањето, пингвинот ќе биде пуштен на една од локалните плажи.