Американскиот пилот Чак Јегер, првиот човек што го пробил звучниот ѕид, почина на 97-годишна возраст, потврди неговата сопруга.

– Со голема тага морам да ве известам дека љубовта на мојот живот, генералот Чак Јејгер почина во 21 часот – напишала Викторија Јегер на Твитер, пренесуваат светските медиуми.

Јегер влезе во историјата по летотот со експерименталниот ракетен авион „Бел Х-1“ во 1947 година.

Подоцна тој собори уште неколку рекорди во брзина и надморска височина, со што помогна во создавањето на американската вселенска програма.

На 14 октомври 1947 година, авионот „Гламурос Гленис“ именуван по починатата прва сопруга на Јегер, достигнал брзина од 1.225 километри на час на надморска височина од 13.700 метри.

Во тоа време Јегер имал 24 години, а неговиот потфат се сметал за многу храбар, бидејќи тогаш никој не бил сигурен дека авион може да биде побрз од звукот. Јавноста била информирана за неговиот подвиг дури во јуни 1948 година.

Успехот на овој пилот е овековечен во книгата на Том Волф „Правите работи“, како и во истоимениот филм. За време на неговата долга кариера, тој е најодликуван американски пилот, а последен пат го пробил звучниот ѕид во 2012 година, кога имал 89 години.