За Пикасо хартијата била алатка со која ги истражувал своите идеи и материјал со неисцрпни можности. Изложбата отворена во лондонската Кралската академија на уметноста го претставува овој аспект од опусот на славниот уметник, кој експериментирал со сѐ, од новински исечоци до декоративни тапети.

Поминал десетлетија во потрага по ретки антички хартии од сите делови на светот, а потребата да црта на секоја хартија никогаш не го напуштила. Пикасо ја кинел, ја палел или ја обликувал тридимензионално. Од студијата за „Герника“ до колажи со ширина од 4,8 метри, оваа нова изложба во Лондон донесува над 300 дела на хартија и опфаќа 80 години кариера на славниот уметник.

– Од прва рака ќе го видите Пикасовиот креативен процес во извонредниот документарен материјал што го прикажува уметникот на дело, неговата студија за „Герника“ и бележниците за цртање во кои своите први контури ги имале неговите подоцнежни револуционерни ремек-дела, вклучувајќи ја и сликата „Госпоѓиците од Авињон“. Писма, илустрирани песни и фотографската соработка со Дора Маар, исто така, ќе понудат увид во животот на уметникот – најавуваат од Кралската академија на уметноста по повод изложбата „Пикасо и хартијата“, која ќе трае до 13 април.