Ново британско истражување откри дека пиењето кафе е поврзано со намален ризик од хронични заболувања и други здравствени состојби на црниот дроб. Научниците во моментов работат на испитување на можноста за вклучување кафе во лекувањето на овие болести. Студијата, објавена во списанието „БМЦ паблик хелт“, покажа дека луѓето што секојдневно пијат кафе имаат 21 отсто намален ризик од заболување на црниот дроб и 49 отсто помал ризик од смрт од хронично заболување на црниот дроб. Истражувачите проценувале здравствени податоци на 495.585 луѓе, кои биле следени во просек десет години. Од таа група, 78 проценти консумирале мелено кафе со кофеин, инстант-кафе или кафе без кофеин, а 22 процента не консумирале кафе.
За време на студијата имало 3.600 случаи на хронично заболување на црниот дроб, или стеатоза, акумулација на маснотии во црниот дроб. Исто така, забележани биле 184 случаи на хепатоцелуларен карцином, рак на црниот дроб.

Оние што пиеле кафе имале 21 отсто намален ризик од развој на хронично заболување на црниот дроб и 20 отсто помал ризик од замастен црн дроб. Учесниците во истражувањето што пиеле кафе, исто така, имале 49 отсто намален ризик од смрт од хронично заболување на црниот дроб.
Иако тоа беше покажано и во претходните истражувања, се чини дека овој труд е најубедливиот доказ досега дека консумацијата на кафе е поврзана со намалување на смртноста од заболувања на црниот дроб кај голема популација – рече д-р Џозеф Лим, хепатолог и професор на Медицинскиот факултет на универзитетот „Јејл“.
Според д-р Тамар Тадеи, исто така хепатолог и професор на Медицинскиот факултет на „Јејл“, тешко е да се прецизира точно како и зошто кафето може да се бори против заболување на црниот дроб.
– Може да има антиинфламаторно или антифиброзно својство, две главни и меѓусебно поврзани патеки до заболување на црниот дроб и рак на црниот дроб – рече Тадеи.