Готвењето, но и приготвувањето колачиња е под полна пареа во поголемиот дел од домовите. Испланирано е цело мени за Бадник и Божиќ, а сега е време за негова подготовка. За некои целиот процес е весел, додека постојат и такви на кои им е мошне напорно, па се одлучуваат за купување готови колачи и јадења. Но откако ќе го прочитате истражувањето, може да го промените и односот кон приготвувањето.

Едно истражување, кое е објавено во „Џурнал оф позитив психолоџи“, открива како мала дневна доза креативност, особено за време на Бадник, може да биде вистинско опуштање. Истражувањето покажува дека луѓето што се посветуваат на мали креативни активности се чувствуваат посреќни, задоволни, а со тоа и поопуштени. Студијата е направена на 658 луѓе и траела две недели, а открива дека повеќето луѓе што уживале во готвење и печење колачи, следниот ден биле полни со ентузијазам и подготвени за сето она што го носи денот.

– Кога печеме колачиња, главно сме фокусирани на рецептот и внимаваме на состојките што одат, а украсувањето и декорирањето на финалниот производ ги чини луѓето посреќни бидејќи знаат дека направиле добра работа. Самото тоа влијае и позитивно на самодовербата – велат научниците.
Голем број истражувања покажуваат дека поминатото време во кујната и приготвувањето солени и слатки јадења може да служи како помош при борбата со анксиозност, депресија и негативни мисли и чувства.