Американското деловно списание „Форбс“ издвои пет технолошки трендови за кои смета дека во 2021 година сите мора да бидат подготвени. Станува збор за трендови што можат да бидат адекватен одговор на општествените предизвици.
Првиот тренд е вештачката интелигенција, која се очекува да биде позабележителна следната година од кога било, а ќе им помогне на луѓето да го разберат светот во кој живеат. Тоа би можело да биде особено важно во борбата против пандемијата на коронавирусот.
– Алгоритмите за вештачка интелигенција можат да бидат софистицирано решение за проблемите и предизвиците предизвикани од пандемијата. Меѓу другото, тоа е корисно за следење лица со кои некое заразено лице контактирало или за анализа на големо количество податоци за пандемијата. Сите овие податоци првенствено им се потребни на болниците и на другите здравствени установи – пишува „Форбс“.
Според списанието, вештачката интелигенција ќе биде еднакво корисна и во бизнисот. Ова првенствено се однесува на употребата на оваа технологија за разбирање на навиките на потрошувачите. Тоа ќе биде можно бидејќи сѐ повеќе и повеќе човечки активности се вршат на интернет. Соодветно на тоа, компаниите ќе знаат како подобро да ја организираат својата работа.

Во 2021 година се очекува роботите, беспилотните летала и автономните возила сè повеќе да бидат дел од секојдневниот живот. Транспортните средства за самостојно управување ќе бидат особено застапени во јавниот превоз, кој има сѐ повеќе корисници. Поголемата употреба на роботи ќе го направи животот уште полесен за луѓето. Нивната важност во здравствените активности е сѐ поголема како резултат на пандемијата, а тоа ќе помогне да се намали ризикот од инфекција со коронавирусот.
Меѓу другото, тие ќе можат да се користат како советници за здравствени проблеми што ќе бидат достапни 24 часа на ден. Ќе продолжи и трендот на зголемување на употребата на беспилотни летала. Се очекува значително да се користат за испорака на лекови и други потреби.
Интернет-платформите, според „Форбс“, треба да бидат уште попопуларни следната година. Исклучително популарни ќе бидат оние платформи што се приспособени на потребите на корисниците, вклучувајќи ги и оние што се принудени да работат од дома. Најдобар пример за ова е платформата Зум, која овозможи да се извршуваат разни активности.

Не е можно да се зборува за технолошки трендови во 2021 година, а да не зборуваме за 5Г-технологијата, што не значи само побрз интернет. Оваа технологија отвора голем број можности, а една од нив е поголема автоматизација на дејствата.
Сѐ повеќе се зборува и за виртуелната и проширената или дополнета реалност. И двата типа реалност ќе бидат особено значајни доколку пандемијата продолжи и во следната година. Преместувањето на активностите во виртуелна и проширена реалност ќе придонесе за намалување на ризикот од инфекција со ковид-19.