Кога сте поврзани на Интернет, никогаш не можете да знаете каде демнат опасности. Ви ги претставуваме најчестите начини на измама на интернет, како и можностите да се заштитите.

1. Фишинг
Лажни е-пошти и други пораки (испратени преку СМС, Твитер, Скајп и кои било други апликации за комуникација) може да ве наведат да ги дадете вашите лични податоци. Сè што е потребно е навидум веродостојна порака, а неколку моменти подоцна – сте измамени. Зошто би го дозволиле тоа? Благодарение на начинот на кој се креира пораката, графиката и сè друго, може вам да ви навести дека станува збор за целосно легитимна порака или интернет-страница. Се прави лого, образец за оставање податоци и, доколку сте безгрижни, сајбер-криминалците лесно можат да ве измамат.
Меѓутоа, речиси секогаш, таквата т.н. фишинг е-пошта автоматски ја запира е-поштата што ја користите, а доколку не се случи тоа, секогаш мора внимателно да ги читате мејловите. Речиси сигурно ќе има некои граматички и правописни грешки во „фалсификатите“, што ниту една реална институција не би си го дозволила.
Никогаш не кликaјте на линковите во пораките што, наводно, доаѓаат од вашата банка и слични институции. Наместо тоа, секогаш отворете го вашиот веб-пребарувач, одете на официјалната веб-страница на институцијата и направете сè што ви треба таму.

2. Клонирање
Наместо физички да ја украдат вашата кредитна картичка, сајбер-криминалците може да се одлучат за клонирање на деталите. Овие информации потоа може да се користат за да се направат дупликати или да се внесат таму каде што е потребно доколку се работи за купување преку интернет.
За клонирање платежна картичка, доволно е користењето мали уреди, кои може да ги собере на вашата дланка. Тие ги преземаат податоците од црната лента на картичката и тие податоци се користат за да се направи копија. Тоа е техника што исто така се применува и на банкоматите.
За да спречите клонирање, секогаш држете ја картичката во рака, користете бесконтактно плаќање каде што е можно и секогаш проверувајте дали нешто на банкоматот ви изгледа сомнително.

3. Социјални мрежи
Користењето на социјалните мрежи им овозможува на сајбер-криминалците да добијат информации што можат да бидат многу корисни за нив. Добар пример за тоа е Фејсбук, каде што може да најдат информации за вашиот роден град, семејство, бизнис, па дури и што сакате да купите.
Со јавен профил, објави и ознаки, постои голема шанса секој да може да дознае онолку колку што треба за вас. Местата на кои сте биле, каде живеете, вашиот датум на раѓање… сѐ е таму.
За да се заштитите на социјалните мрежи, обезбедете го вашиот налог, така што сите информации, фотографии и објави ќе можат да ги видат само луѓето што ги познавате.

4. Хакирање „преку рамо“
Наместо да се потпираат на технологијата за да ги преземат деталите од вашата кредитна картичка, некои хакери се одлучуваат за потрадиционален пристап. Тие постојано се врткаат околу банкомати и продавници за да набљудуваат кои броеви на ПИН-кодовите ги користат луѓето. Оваа техника се нарекува хакирање „преку рамо“.
Иако ова не е доволно за да ги украдат сите ваши пари и други податоци, измамниците ќе имаат доста добра почетна позиција ако успеат во ова.
За да го спречите ваквото хакирање, секогаш покријте ја тастатурата кога го внесувате ПИН-кодот на банкомат или на некоја каса во продавница.

5. Недоволно обезбедени мрежи
И покрај безбедносните подобрувања во безжичната врска, сѐ уште може да се појават одредени „безбедносни дупки“. Можеби имате стар рутер дома, па наместо врска ВПА2 (WPA2), тој нуди само ВЕП (WEP). Исто така, може да се случи и ако вај-фај мрежата е недоволно обезбедена во кафулето во кое честопати одите, на автобуската станица, во трговскиот центар итн. Каде и да сте, ризиците се различни – од тоа некој да проба да пристапи до вашите лозинки до читање на вашите пораки, пренасочување на вашата врска и слично.
За да го намалите ризикот од несигурни мрежи, доколку е во прашање вашата мрежа, ажурирајте го рутерот. А ако користите јавен вај-фај каде било, размислете да почнете да користите Ви-пи-ен (VPN).