На 23 и 24 ноември ќе се одржи онлајн „Скопје фото вик“. По петти пат настанот е во организација на „Ангеловски фотографија“ и „Грег момент“ од Полска. Изминатите настани беа одржани под името „Интернешнел самит оф фотограферс енд видеограферс“, но овој пат има ново име и концепт, како „Скопје фото вик“.
– Петта година по ред Скопје е домаќин и инспиратор на фотографи, чија инспирација ги отвора новите хоризонти на дигиталната уметност. Четири години ги носиме најдобрите иновативни фотографи и видеографи од светот во Македонија, разменуваме искуства, учиме нови техники, ги подобруваме постојните. Ја користиме имагинативноста да создадеме дела што врамуваат делче од времето и просторот и создаваат приказна, која ќе трае и ќе сведочи низ децениите – велат организаторите.
Оваа година во значително изменето издание, почитувајќи ги мерките за заштита од ковид-19, повторно внесуваат енергија во сивото секојдневие и монолитноста што ја предизвика планетарната криза.
– Овој есенски самит ќе го реализираме благодарение на современата технологија, односно подготвен е онлајн настан, а алатките ќе бидат инспирација за создавање органско искуство на сите учесници – додаваат од „Скопје фото вик“.

И годинава се најавени интересни предавања и теми. Во агендата се Ани и Дими, фотографски тим од Скопје, кои веќе 14 години работат во полето на портретната, магазинската, модната и комерцијалната фотографија. Тие ќе зборуваат на тема „Студиски портрет. Фотографирање и обработка во живо“.
Кристијан Теодоров, кој со фотографија се занимава од 2008 година, ќе зборува за моќта на светлината. Работи како официјален фотограф на сите најголеми македонски фестивали, а последниве години работи и како кинематограф и се потпишува на над сто видеоспота, реклами, филмови.
Тимот „Ту кликс“ ќе нѐ внесе во уметноста на свадбената фотографија. Горан Попaтанасовиќ, пак, од студиото „3Д баба“, артист со широк опус на продукциско и постпродукциско работење, 3Д-анимирање специјализирано за свадбено видео и фотографија, ќе презентира свадбено видео во прво лице еднина.

Пејзажниот фотограф Влатко Рафески ќе сподели како оди креирањето атмосфера во пејзажната фотографија. А фоторепортерот Томислав Георѓиев ќе ни ја доближи темата „Каде што улиците немаат име“. Неговите фотографии се публикувани во светски познати весници, како „Сандеј тајмс“, „Ле монд“, „Фајненшл тајмс“, „Дер шпигел“ и многу други. За време на настанот ќе има и конкурс за избор на најдобра фотографија, на тема „Скопје од мој алтернативен агол“. Мотивот на овој конкурс е препознавањето на местата и луѓето во Скопје од интимниот агол на секој автор, односно прикажување на градот од различни аспекти, кои може, но не мора, да вклучуваат архитектонски обележја.