Активисти на граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ до Владата и до Министерството за животна средина и просторно планирање поднесоа 5.522 потписи од петицијата „Барање за преземање итни мерки за спас на Преспанско Езеро“, собрани од 25 септември до 25 ноември. Наедно, петицијата е поддржана од 31 граѓанска организација.
– Досега нема никаква информација за трилатералното тело што треба да работи на координирани мерки и активности, со оглед на тоа што Преспанско Езеро им припаѓа на три држави. Исто така, не се оствари ни најавата за можно прогласување кризна состојба во преспанскиот слив, како што се бараше и во петицијата. Јавноста сè уште има впечаток дека не се преземени одлучни мерки – информираат од „Охрид СОС“.

Исто така велат дека им е игнорирано барањето на веб-страницата на Министерството да посветат посебна страница на Преспанско Езеро, со сите поврзани документи, времеплов, каде што секој во секое време ќе може да се информира за состојбата, најновите сознанија, мерките, што точно се работи и каков е напредокот.
– Петицијата ја оставaмe отворена, со оглед на тоа што сè уште чекаме активности на терен, додека Преспанско Езеро продолжува да се празни. Ве повикуваме да ја поддржите, со што јасно ќе кажете дека во услови на климатска криза, мора да се најде одржлив начин на управување. Третманот на нашето природно богатство, децениски запоставувано, но непречено искористувано, мора да запре – додаваат од „Охрид СОС“.