Aктерoт Петар Петковски, кој ја толкуваше улогата на Бојан во македонската ТВ-серија „Фамилијата Марковски“, е номиниран на Сараевскиот филмски фестивал за наградата „срце на Сараево“ во категоријата „ѕвезда во подем“.
За признанието ќе се „борат“ и регионалните глумци Александар Димитријевиќ за серијата „Клан“, Ивана Зечевиќ за „Група“, Јана Бјелица за „Фамилија“ и Каја Шишмановиќ за „Црно-бел свет“.

Сараевскиот филмски фестивал, што оваа година ќе го има своето 27. издание, првпат ги воведува наградите за ТВ-серии, со цел промоција на најдобрите регионални ТВ-серии и нивните автори и актер(к)и. Шеснаесет ТВ-серии од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија, Црна Гора, Македонија, Косово и Словенија, номинирани за наградите „срца на Сараево“ што ќе се доделат во шест категории: најдобра драмска серија, најдобра комедија, најдобар креатор на серија, најдобар актер, најдобра актерка и ѕвезда во подем.

„Фамилијата Марковски“ е единствената серија со номинација од нашата земја, а се емитуваше во текот на 2017 и 2019 година и беше примена со огромен интерес особено кај младата публика, поради ликот на Бојан Марковски што за Петар, кој тогаш имаше 15 години, беше прво искуство пред камера.

Проектот „Фамилијата Марковски“ е во продукција на „Арт проект лаб“. Првата сезона беше овозможена од Агенцијата на САД за меѓународен развој, додека втората е поддржана од „Еуропијан ендоумент фор демокраси“ и „Нешенел ендоумент фор демокраси“. Режисер на серијата е Даријан Пејовски, а преостанатите главни улоги покрај Петар Петковски, ги толкуваа Тамара Ристоска, Владимир Петровиќ, Силвија Стојановска и Александар Микиќ.

Премиерата на првите две епизоди од втората сезона се случи токму на Сараевскиот филмски фестивал во 2019 година како дел од програмата „Гала-претпремиери“, заедно со уште четири балкански серии од новата продукција.