Создадена минатиот декември, песната „Dancer encore“ (Да танцуваме уште) стана музички крик за сплотување на оние што се залагаат за враќање на културните настани во Франција. Почна во знак на протест на работниците во културата, но набрзо прераснува во културен феномен.
Со недели, оваа нумера е дел од протестите против рестриктивните мерки во земјата, но и на други локации каде што луѓето спонтано се собираат, пеат и танцуваат.
Стиховите директно се однесуваат на ограничувањата воведени во октомври, што доведе до затворање на сите културни собири во земјата, а состојбата оттогаш остана непроменета.
„Со секоја авторитарна мерка за нашата сигурност, губиме од нашата самодоверба. Упорни се да ни ја ограничат свеста“, се наведува во текстот на песната.