Во 2007 година во кафулето „Планет“ во Крушево, со Тоше Проески ја отпеавме „На Велигден“ и падна договор да ја сними песната. За жал, тоа не се оствари, вели Џокси

„На Велигден“ на Џина Папас-Џокси три децении популарна

Веќе 31 година непосредно пред Велигден радијата ја емитуваат „На Велигден сум се заљубил“ на Џина Папас-Џокси, песна што е многу позната и омилена кај народот. Освен верзијата на Џокси, има и десетина други и голем број наши познати пејачи посакале да ја снимат и да ја исполнуваат на своите настапи.
– Песната долго живее и се слуша со несмален интензитет, бидејќи емоцијата со која ја создадов е искрена. Таа и сега влијае моќно на слушателите, ги допира, ги обзема, а за неа немам снимено ни спот. Мислев дека секој има право да ја доживее на свој начин – вели авторот Џина Папас-Џокси.Со песната тој имал неброени настапи, особено за време на празничните денови, а, како што ни откри, го викнале и на две свадби да им ја отпее на младенците.
– Многу двојки ме запираат на улица и ми откриваат дека токму мојата песната е виновна за нивниот брак и љубов, што ме прави многу среќен. Песната, која ги обележи мојот живот и кариера, е убаво прифатена и од моите колеги и досега има дваесетина верзии. Првпат „На Велигден“ е снимена во февруари 1990 година, во студиото на Тоше Поп Симонов, кој го направи аранжманот, а текстот и музиката ги напишав јас. На првата снимка, која се слуша и денес, а издадена е и на касета, се слуша гајдата на Гони Жанровски, кој мислам дека сега живее во Германија – раскажува Џокси.

Првата римејк-верзија на песната требало да ја сними Тоше Проески и сѐ било договорено тоа и да се случи.

– Таа 2007 година, по иницијатива на Ранко Петровиќ, првиот човек на Радио Бубамара, се договоривме со Тоше, кому многу му се допаѓаше „На Велигден“, да сними негова верзија на песната. Тој тогаш гостуваше во Австралија и ми рече дека кога ќе се врати, ќе влеземе во студио. Таа година, со група деца престојував во одморалиштето „Шула Мина“ во Крушево. Девојчињата слушнале дека Тоше е во градот и ме замолија да ги запознаам со него. Отидовме во неговото омилено кафуле „Планет“ и газдата, кој ме препозна, ми рече дека можам да седнам на масата што секогаш е резервирана за Тоше. И наскоро тој се појави. Повторно го потсетив на ветувањето, а нешто подоцна, расположен, тој дојде до мене, ме прегрна и ми рече: Ајде заедно да ја испееме сега „На Велигден“. Ја знаеше од збор до збор, а неговата изведба беше толку емотивна, што навистина ме трогна. Направивме и една фотографија, која и денес ме потсетува на оваа средба. Се сеќавам, тогаш некои луѓе го снимија додека пее со мобилните телефони и ги замолувам, ако е можно, да ми испратат снимка – вели Џокси.
За жал, никогаш не беше реализирана оваа идеја, бидејќи во октомври истата година Тоше загина во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка.
Следната, 2008 година младата пејачка надеж Ламбе Алабаковски сними своја верзија на песната. Аранжманот го направи Дарко Димитров, а Огнен Неделковски допиша уште еден стих.

– Задоволен сум од изведбата на Ламбе, а иако не пееме заедно, ме има во една сцена од видеозаписот. Ми остави впечаток како Дарко Димитров, делот со свирењето на гајдата од оригиналната песна, вешто го вметна и во верзијата на Ламбе – се потсети Џокси.
Пред пет години „На Велигден“ доби и женска верзија.
– Пејачката Пепа Димитрова сними интересна верзија на песната, со соул и џез-елементи. Извонредниот аранжман го направи Дамир Имери, а гајдите ги отсвири Стефче Стојковски. Снимен е и интересен спот, кој може да се погледне на Јутјуб – вели тој.
Своја техно-верзија направил и диџеј Ерик Фокс пред пет-шест години, каде што Џокси ги пее вокалите, а инструментална техно-верзија направи и Оливер Петковски, која исто така може да се најде на каналот Јутјуб. Микс на темата направи „Демијан рекордс“, каде што Ламбе Алабаковски ги пее вокалите. „На Велигден“ ја испеаја и Андријана Јаневска, Мартинијан Кириловски, „Балкан бенд“…

– Во пандемискава година, „На Велигден“ доби и две онлајн верзии. Во првата учествуваа „Охрид биг карантин бенд“ и уште 60 луѓе, а втората е со членовите на академскиот хор „Мирче Ацев“ од Скопје. Хористите, предводени од диригентката Јасмина Ѓорѓиеска, ме придружуваа и лани на „Златна бубамара“, кога „На Велигден“ беше прогласена „за песна за век и векови“. Аранжманот повторно го направи Дамир Имери. Оваа изведба за мене е посебна и поради тоа што повеќеилјадната публика во салата „Борис Трајковски“ реагираше фантастично. Се надевам дека оваа песна уште долго ќе живее и со неа одбележувањето на големиот христијански празник ќе биде уште поубаво за голем број Македонци – посакува Џина Папас-Џокси.