Јапонскиот турист чекал скоро седум месеци Перу да ги отвори урнатините на Мачу Пикчу за да влезе во тврдината на Инките. Јапонецот Џеси Такајама дошол во земјата на Андите за време на избувнување на пандемијата на коронавирус, пренесува „Гардијан“.

Дозволата за влез на Џеси Такајама во урнатините му била одобрена благодарение на барањето што тој го поднел додека чекал од средината на март во Агуас Калиентес, град на падините на планината во близина на локалитетот, изјавил вчера Алехандро Нејра министерот за култура на Перу.

– Тој дојде во Перу со сон да може да влезе. Јапонскиот државјанин влезе заедно со нашиот шеф на локалитетот за да може да го стори тоа пред да се врати во неговата земја – вчера рекол министерот Нејра на виртуелна прес-конференција

Перу досега пријави 33.305 смртни случаи поврзани со коронавирусот, што е највисока стапка на смртност во светот по глава на жител од ковид-19. Неодамна започнале меѓународните летови, но само кон седум земји од Латинска Америка додека туристичката индустрија во оваа земја беше уништена од пандемијата.

Такајама, во саботата со неговиот билет купен во март, влезе во урнатините на тврдината изградена пред повеќе од 500 години и стана првиот посетител во последните седум месеци што можел да прошета низ светското наследство. Неговиот првичен план бил да помине само неколку дена во Перу за да го види Мачу Пикчу.

– Ова е толку неверојатно! Ви благодарам – рекол Такајама во видеото снимено на врвот на планината Мачу Пикчу.

Перуанскиот министер за култура Нејра соопштил дека во ноември Мачу Пикчу повторно ќе биде отворен за домашните и за странските туристи, без да го прецизира датумот. Според Нејра ќе се овозможи 30 отсто од вообичаениот капацитет, односно на посетеност од 675 луѓе на ден, додавајќи дека „сè уште сме сред пандемија“, како и оти ќе направи се според неопходните протоколи за безбедост“.