Англискиот актер Педи Консидајн е избран да го глуми кралот Висерис Таргаријан, главниот лик во новата серија која временски ќе се случува пред „Игра на тронови“, објави Ејч-Би-О, пренесува Би-би-си.

Наградуваниот англиски актер ќе го игра „чесниот и добар Висерис“, кој е избран од лордовите на Вестерос да го наследи Стариот крал, Џехерис Таргаријан и да го продолжи владеењето на својот дедо.

Дејството во „Куќата на змејот“ се случува 300 години пред настаните во „Игра на тронови“, која траеше осум сезони пред да заврши во мај 2019 година. Фокусот во оваа серија ќе биде на семејството Таргаријан и ќе има 10 епизоди. Денерис Таргаријан која е дел од потомците, беше меѓу главните ликови во „Игра на тронови“, а ја играше англиската актерка Емилија Кларк.

„Куќата на змејот“ е базирана на книгата „Оган и крв“ на Џорџ Р. Р. Мартин. Ејч-Би-О сѐ уште не објави кога ќе започне со емитување, но медиумите во САД шпекулираат дека тоа ќе биде во 2022 година.