По долготрајниот процес на реставрација, парната локомотива од 1944 година повторно е пуштена на железничката пруга.
Проектот за реставрација на парната локомотива започна во 1999 година и беше имплементиран од историското друштво за парни локомотиви и железница на Ново Мексико. Во фокусот на проектот била парната локомотива „Санта Фе 2926“, која повторно почна да работи по 65 години.
Се очекува железничкиот сообраќај да заживее поради релативно ниските емисии во споредба со воздушниот и товарниот транспорт, додека владите прават напори да ја спречат употребата на фосилни горива. Иако ова заживување на железницата не се однесува на парните локомотиви, кои и покрај нивната огромна влеча, веќе долго време се минато поради ефикасноста во транспортот, тоа не значи дека тие не можат да се обноват поради историска фасцинација и наследство.
Локомотивата „Санта Фе 2926“ полека пропаѓаше во паркот во Албакерки кога споменатата асоцијација ја купи во 1999 година за еден долар. Тоа купување беше почеток на дваесетгодишниот проект за реставрација што постепено го правеа волонтери. Меѓутоа, реставрацијата конечно беше завршена и локомотивата се рестартира на 24 јули, првпат од 1953 година.
„Санта Фе 2926“ е локомотива тешка повеќе од 250 тони и е еден од најголемите патнички возови на пареа некогаш изграден. За разлика од повеќето локомотиви на пареа, оваа не користи јаглен, туку нафта. Произведена е од компанијата „Болдвин локомотив воркс“ во 1944 година, а нејзината задача била превоз на патници и товар. Локомотивата во моментов е ограничена на линија долга 91 метар во Ново Мексико, каде што се одвиваше процесот на реставрација. Меѓутоа, здружението се надева дека во иднина ќе биде „пуштена“ за патниците да можат да уживаат во неа.