Ајфелова кула ќе биде подложена на најобемно реновирање во 130-годишната историја со цел да добие нов изглед за Летните олимписки игри (ЛОИ) во Париз во 2024 година. Според плановите таа ќе биде бојадисана со нагласено златна нијанса, пренесуваат светските медиуми.

Ќе бидат отстранети досегашните 19 слоеви боја и главното обележје на Париз ќе ја изгуби својата препознатлива кафеава боја, што ја имаод 1968 година.

– Тоа ќе ѝ даде малку златна нијанса на Ајфеловата кула за ЛОИ, со што ќе изгледа поразлично од досега – изјави Патрик Бранко Руиво, извршниот директор на компанијата која управува со кулата.

Реновирањето на 324 метри високата кула и на сите 18.000 метални делови што ги држат заедно 2,5 милиони заковки, ќе чини околу 50 милиони евра, според направената пресметка.

Бојата на Ајфелова кула се освежува на секои седум години, но не поради изгледот, туку повеќе за да се заштити металната структура од атмосферските појави и од загадувањето. Новата златна нијанса ќе биде видлива во 2022 година.