Мозочен удар ги оштетил нервите на десната рака на Леонардо да Винчи, попречувајќи ја неговата способност да слика во доцните години на неговиот живот, укажуваат анализите на италијански доктори, пренесува Би-би-си.

Тие дијагностицирале улнарна парализа, или „рака-канџа“, анализирајќи ја неговата десна рака во две уметнички дела. Се претпоставува дека оштетувањето на неговата рака било предизвикано од мозочен удар. Докторите укажуваат дека оштетувањето на нервите на неговата десна рака предизвикало уметникот да не може да држи четка и палета.

Леонардо да Винчи, кој бил уметник и пронаоѓач, се занимавал со анатомија, архитектура, инженерство и скулптура, како и со сликање. Но, уметничките историчари дебатираат до ден денес со која рака Да Винчи се служел за да црта и слика.

Анализите на неговите цртежи покажуваат дека сенчањето е изведено од горниот лев  агол до долниот десен агол, што посочува на користење на неговата лева рака. Но, сите други историски и биографски документи укажуваат дека тој ја користел десната рака кога изработувал други уметнички дела.

За ова проучување биле анализирани две слики на кои Да Винчи е претставен во доцните години на неговиот живот. Една е портрет на уметникот нацртан со црвена креда, а му се припишува на ломбардскиот уметник Џовани Амброџо Фиџино. На портретот, раката на уметникот е претставена скриена во набори од облека. Таа се гледа, но е во укочена, беспомошна позиција.

– Портретот покажува типична стегната рака која е резултат на пост-ударна мускулна спастичност, што сугерира алтернативна дијагноза, како што е улнарна парализа, или позната како „рака-канџа“ – вели  Давиде Лазери кој ја водеше анализата, специјалист по пластична реконструктивна и естетска хирургија во Рим.

Улнарниот нерв почнува на рамото и завршува кај малиот прст и управува со речиси сите внатрешни муслули кои овозможуваат фини моторни движења, така што ударот можеби предизвикал траума на неговата рака, што довело до парализата или помала способност при движењата на раката.

– Можеби ова е причината зошто Да Винчи оставил многу од неговите слики недовршени во последните пет години од неговата кариера како сликар, вклучувајќи ја и Мона Лиза, а продолжил со подучување и со цртање – додава Лазери.

Втората слика што била проучувана е гравура на која е претставен човек кој свири на лира, а е утврдено дека станува збор за Да Винчи. Дополнителен доказ во врска со гравурата е дел од дневникот на Антонио де Беатрис, асистент кој го посетил уметникот во 1517 година.

– Веќе не може да се очекуваат добри уметнички дела од уметникот, бидејќи парализа ја има зафатено неговата десна рака. Иако господин Леонардо не може да слика со убавината која беше карактеристична за него, тој сѐ уште може да дизајнира и да ги подучува другите – напишал асистентот Антонио.