Серијата „Сквид гејм“ стекна глобална популарност

Јужна Кореја долго време беше позната по автомобилите „хјундаи“ и мобилните телефони „Ел-џи“. Она со што Јужна Кореја имаше потешкотии, беше културолошкиот извоз, додека нејзините филмови, музика и тв-шоуа беа консумирани само на локално ниво. Но, кога се случи продорот на стриминг-платформите како „Нетфликс“, за Јужна Кореја беа отворени портите за меѓународен успех, а нејзините режисери беа подготвени да го зграпчат моментот, пренесува „Њујорк тајмс“.

Јужна Кореја го привлече светското внимание со „Паразит“, првиот странски филм кој ја освои наградата за најдобар филм на „оскарите“ во 2020 година. „Сквид гејм“, пак, годинава стана една од најуспешните и најгледани серии на „Нетфликс“. Преку нив, светската публика почна да обрнува внимание на јужнокорејските филмови, иако Јужна Кореја создаваше слични материјали со години наназад.

Но, ваквиот успех за јужнокорејските филмови не дојде прекуноќ, објаснуваат режисерите и продуцентите од земјата, кои со години го проучувале Холивуд и другите забавни центри, усвојувајќи и усовршувајќи ги нивните формули за успех, притоа додавајќи карактеристичен корејски шмек.

Откако „Нетфликс“ ги урна географските бариери, Јужна Кореја од консумирач на западната култура се трансформираше во сопствен културолошки извозник. Сега, три од 10-те најпопуларни содржини на „Нетфликс се јужнокорејски. Претходно, корејските ТВ-емисии како „Зимска соната“ го освојуваа пазарот во Азија, но не беа во можност да го постигнат глобалниот досег како што тоа е случајот денес.

– Светот едноставно не знаеше за овие филмови додека стриминг-платформите како што е „Нетфликс“ не помогнаа – вели Канг Ју-јунг, професор на универзитетот Кангнам во Сеул.

Сцена од „Паразит“

Јужнокорејските филмови и серии го знаат рецептот за успех. Сцените честопати преплавуваат со емотивно богати интеракции. Нивните херои најчесто се со големи недостатоци, тие се обични заробени во невозможно тешки ситуации и се држат до заедничките вредности како што се љубовта, семејството и грижата за другите.

Ваквите протагонисти се издигаат од јужнокорејското секојдневие, но и минато. Нејзините режисери и сценаристи развија чувство за тоа што луѓето сакаат да го видат и слушнат, а тоа најчесто е поврзано со општествените промени. Повеќето приказни се засновани на прашања кои зборуваат за обичните луѓе, како што се нееднаквоста во општеството и класниот конфликт што тоа ги предизвикува.

– Корејските режисери се вешти и брзо научија да го копираат она што е интересно од Западот, истовремено правејќи го поинтересно и подобро на свој начин – изјави универзитетскиот професор Ли Харк-џун.

Зголемената побарувачка за корејски ТВ-серии ги инспирира независните креатори како Сео Џеа-вон, кој го напишал сценариото за „Булгаса: Бесмртни души“ заедно со неговата сопруга.

– Нашата генерација ги консумираше американските ТВ-хитови како „Човекот од шест милиони долари“ и „Пороците на Мајами“, притоа учејќи ги „основите“ и експериментирајќи со нив, додека додаваше сопствен, корејски шмек – вели Џеа-вон.

Натприродниот заплет на серијата потсетува на американските „Досиеја Икс“ и „Чудни нешта“. Уникатната корејска трагедија е фокусирана на верувањето меѓу Корејците дека и добрите и лошите дела влијаат на задгробниот живот на личноста. Премиерата на серијата треба да биде во декември на „Нетфликс“, додека режисерот Јанг Јанг-ву се надева дека серијата ќе биде најновиот јужнокорејски феномен што ќе ја освои меѓународната публика.

Јужнокорејска ТВ-драма „Булгасал: Бесмртни души“ се очекува да биде објавена на Нетфликс во декември