Македонскиот моден дизајнер Папаз предизвика големо внимание во Сараево со својата луксузна и префинета лимитирана колекција, насловена „Три“. Колекцијата е симбиоза на стилови од западни и источни култури, претопени во модна силуета адаптирана на нашето поднебје. Изобилува со елеганција и носливост, вбројува блузони и капути со кимоно и ранглан-ракави, здолништа и панталони во широк крој и вечерни фустани.

Папаз по покана од креативниот директор Аднан Хјрулаховиќ беше дел од големиот проект „Еуропа фешн паспорт“, наменет за 30 модни дизајнери и нивно вмрежување на земјите од Централна и Источна Европа.

– Мојата ревија беше на отворањето на настанот и навистина беше одлично прифатена од публиката. Овие неколку дена, освен што се претставував себеси, имавме можност заедно со асистентот да проследиме обуки и работилници, да присуствуваме на покани од амбасади и да го почувствуваме есенскиот шмек на Сараево – изјави Папаз.

Папаз за новата колекција есен-зима „19/20“ подготви и мултимедијален проект со фотографии и со креативно видео во кое учествуваа интересни и различен тип жени од општеството, за кои наскоро ќе има премиера на неговите социјални медиуми.

– Конечно направивме нешто различно. Искрено имам наплив на голема инспирација, која ја преточив во новата колекција, насловена „Три“. Колекцијата е наменета за жени што сакаат да бидат моќни и доминантни, па на фотосесијата и видеото токму тоа го прикажуваме, во кои се вклучени и некои од моите музи – додаде Папаз.