Кога влегуваат туристите во Пантеонот во Рим и застануваат пред неговите огромни куполи, најверојатно го имаат истото чувство како и луѓето што ја посетувале оваа импозантна градба пред 2.000 години.
– Секој што ќе зачекори во Пантеонот ја чувствува тежината на човековата историја, но и неверојатната леснотија на човековата креативност. Кога влегувате во овој голем простор и погледнувате нагоре, го гледате небото или облакот што се движи и не можете да престанете да размислувате како луѓето можеле да изградат вакво нешто пред два милениума – вели Џон Ошендорф, професор по архитектура на МИТ и бивш директор на Американската академија во Рим.
Пантеонот е најстарата зграда на светот, која се користи и денеска. Околу 125 година по раѓањето на Исус Христос, градбата ја реконструирал римскиот цар Адријан, а тоа, всушност, било трето обновување на објектот. Претходниот Пантеон бил запален околу 80 година, но набрзо бил обновен. Сепак, повторно се запалил околу 110 година, кога во него удрил гром, поради што почнале да се шират гласови дека е проколнат.

Никој не знае точно за што, всушност, служел Пантеонот.
Самиот збор пантеон значи „сите богови“, па можеби токму затоа се смета дека зградата била место посветено на римските божества, иако неговата изворна намена сѐ уште не е позната. И покрај ретките споменувања на оваа грандиозна градба во древните текстови, на историчарите не им е сосема јасно за што всушност служел Пантеонот. Иако можел да претставува храм, историчарката на архитектурата Лин Ленкестер вели дека римските градби обично биле повеќенаменски. Легендите велат дека токму ова е местото од кое основачот на Рим, Ромул, се искачил на небото. Други, пак, веруваат дека во Пантеонот римскиот цар можел да комуницира со боговите.
– Без оглед на разните приказни, импозантната градба секако претставувала важен симбол на царската моќ – вели Лука Меркури, сегашен директор на Пантеонот.
Многу векови по изградбата на Пантеонот, голем број архитекти ја копирале неговата внатрешност за да им дадат на новите градби слична вредност, од американскиот Конгрес во Вашингтон до зградата Сомерсет хаус во Лондон.

Иако Пантеонот веќе откри некои тајни на своите дизајнери, денешните архитекти и натаму пронаоѓаат магија во деталите на оваа градба. На пример, како што се завршува денот, сонцето трепери околу внатрешноста на куполата на Пантеонот, што изгледа како џиновски сончев часовник.
– Тоа е едно од ретките места на светот каде што всушност можете да гледате како Земјата се врти – тврди Ленкестер.