Зборот пандемија до пред една година беше речиси непознат во интернет-пребарувањата, но поради светската криза што ја донесе оваа 2020 година, тој стана најпребаруван годинава, покажуваат податоците на американскиот речник „Мериам-Вебстер“.
– Понекогаш само еден збор го дефинира периодот и во оваа исклучително тешка година тоа сигурно е зборот пандемија, што веднаш дојде до израз при нашата потрага за најпребаруваниот збор оваа година – велат од „Мериам-Вебстер“.
Како што објави Еј-би-си њуз, првиот голем скок во пребарувањето на зборот „пандемија“ се случил на 3 февруари кога потрагата по неговото значењето се зголемила за 1.612 отсто во споредба со истиот период минатата година.
Потрагата по значењето на зборот, всушност, почнала уште на 20 јануари, истиот ден кога е забележан првиот случај на зараза во САД.

– Луѓето на почетокот обраќале поголемо внимание на вестите и на раните описи на природата на оваа болест. Тој почетен февруарски скок во пребарувањето не се намалил. Во почетокот на март зборот се пребарувал за 4.000 проценти повеќе во споредба со истиот период во 2019 г. – објаснуваат од „Мериам-Вебстер“.
Сепак, најголем скок во пребарувањето на зборот „пандемија“ се случил на 11 март кога Светската здравствена организација и официјално прогласи пандемија на коронавирусот. „Мериам-Вебстер“ ја дефинира пандемијата како „избувнување на болест што се јавува на широко географско подрачје и обично погодува значаен дел од населението“. Меѓу другите топ десет најпребарувани збoрови во 2020 година се и коронавирус и карантин.