Рене Реџепи

Косопственикот и готвач на елитниот ресторан „Нома“ во Копенхаген, Рене Реџепи, одлучи да им се посвети на хамбургерите кои станаа неверојатно популарни откако беа воведени на менито прилагодено на предизвиците во пандемијата, при отворањето на ресторанот во мај, по завршувањето на превентивните рестрикции. Притоа беше отфрлено старото мени, слично како и резервациите на кои се чекаше и со месеци.

Реџепи е роден во Копенхаген, но значителен дел од детството поминал во Џепчиште каде што живеело неговото семејство (неговиот татко е Албанец, а мајка му Данка), комбинирајќи го со престојот во Данска. Реџепи е избран за „Најдобар готвач на светот“ во 2011 година, а ресторанот „Нома“ неколку години по ред ја добива титулата „Најдобар ресторан во светот“ и „Мишленови ѕвездички“. Во 2012 година Реџепи е прогласен за 11-ти највлијателен човек во светот, а се појави и на насловната страница на магазинот „Тајм“. Тој е еден од најистакнатите светски готвачи, со што е наведено дека македонските искуства му оставиле силен впечаток и претставуваат значајна инспирација во неговото готвење.

Реџепи одлучи да го поедноставни менито, соочен со предизвиците за промена и за работата при социјално дистанцирање на 85-члениот персонал. Беа отворени бавчите на ресторанот, наместо и објектот, а менито се сведе на хамбургери и винска листа. Хамбургерите набргу станаа хит. Според „Гардијан“ „Нома“ служи околу 2.400 хамбургери дневно, а за само пет недели имаше повеќе гости отколку првичниот ресторан во изминатите шест години.

На тој начин, „сендвичарницата“ го доби името „ПОПЛ“. Менито е малку проширено, со што сега се служат хамбургер, чизбургер, вегански бургер и вегетаријански бургер. Сите четири чинат 23 долари во ресторанот, односно 17,5 долари при нарачка за носење.

 – Не знаев дека ќе биде толку важно за мене тоа што сите добија пристап до нашата храна. Ми се допадна што видов луѓе кои ги знам уште од училиште како чекаат на ред, моите соседи и подалечни роднини. Сите дојдоа и сите сакаат хамбургер. Тоа беше една од најзабавните работи кои сум ги сторил – кажа Реџепи.

Официјалното отворање на „ПОПЛ“ е предвидено за 3 декември.