Панамериканскиот автопат, познат и како Виа панамерикана, е мрежа на автопатишта со должина од 30.000 километри. Оваа патна мрежа ги поврзува сите држави на американскиот континент што излегуваат на Пацифички Океан, со исклучок на 160 километри во џунглите на Панама. Според Гинисовата книга на рекорди, панамериканскиот автопат е најдолгиот автопат на светот, меѓутоа поради областа Дариен во Панама, не е можно преминувањето од Јужна Америка во Централна Америка по копнен пат и моторните возила мора да преминат со помош на водни превозни средства.

Автопатот минува низ различни климатски терени, од густи шуми и пустини, а некои се проодни само за време на летните периоди, во многу области и региони возењето може да биде опасно.

Идејата за патно поврзување на Северна и Јужна Америка беше предложена на Првата меѓународна конференција на американските држави во 1889 година како железничка пруга, но оваа идеја никогаш не беше реализирана. Во 1923 година на Петтата меѓународна конференција на американските држави беше претставен концептот за автопатно поврзување, а првата конференција за изградба на автопатот се одржа во 1925 година. Во 1925 година Боливија, Аргентина, Колумбија, Чиле, Костарика, Салвадор, Гватемала, Хондурас, Мексико, Панама, Перу, Никарагва, Канада и Соединетите Американски Држави го потпишуваат договорот за брза изградба на Панамериканскиот автопат. Во 1959 година, Мексико е првата латиноамериканска држава што самостојно го завршува својот дел од патната мрежа, меѓутоа државите од Централна Америка патната инфраструктура ја градат со финансиска помош на САД.