Паметниот звучник „алекса“ на американската компанија „Амазон“ наскоро ќе може да дијагностицира симптоми и да дава совети за здравствената состојба на пациенти, за да им помогне на тој начин во работата на докторите и на болниците. Дигиталниот асистент ќе може да одговара на прашања (како на пример: Алекса, како да ја третирам мигрената?), а сето тоа ќе биде овозможено со пребарување на официјалната интернет-страница за здравствени услуги на Велика Британија.

Досега „алекса“ имаше опција да одговара на прашања поврзани со здравјето на луѓето врз основа на различни популарни одговори. Министерот за здравство на Велика Британија, Мет Хенкок, тврди дека со ваквиот потег многу ќе им се помогне на пациентите, особено на повозрасните, на слепите лица, како и на оние што не се во можност да пристапат до интернет. Сепак, и покрај поздравувањето на овој потег, Британскиот кралски колеџ на лекари предупреди дека треба да се спроведе независно истражување за да се осигури дали дадените совети се безбедни.

Професорката Хелен Стокс-Лампард, претседателка на Кралскиот колеџ на лекари, смета дека ваквата идеја е интересна и има потенцијал да им помогне на некои пациенти за да дознаат каква нега им е потребна пред да побараат медицинска помош, особено кога станува збор за помали здравствени проблеми, како што се настинки или кашлање.

– Секако, од витално значење е да се истражи дали дадените совети се безбедни за пациентите. Во спротивно би можело да ги спречи луѓето што бараат соодветна медицинска помош и на тој начин да се создаде уште поголем притисок во нашиот преоптоварен здравствен систем – истакнува Стокс-Лампард.
Ади Латиф, 38-годишник од Лондон, кој е слеп и им помага на лица со посебни потреби да ја користат технологијата, ја користи „алекса“ на „Амазон“ и други звучни асистенти за секојдневни потреби.

– Погодноста е во тоа што ќе можам да ја прашам „алекса“ за различни болести и да добијам веродостојни, потврдени информации од Националниот здравствен сервис. Со тоа се отстрануваат сите пребарувања на интернет, кои може да бидат многу трауматични за луѓето со посебни потреби, кои на некој начин се спречени или не се доволно запознаени со технологијата – вели Латиф.
Експертите за технологија предвидуваат дека до 2020 година повеќе од половина од информациите ќе можат да се добиваат врз основа на гласовно пребарување.