Американската компанија специјализирана за кујни и бањи, „Колер“, која постои 148 години, на Саемот за електроника на потрошувачи (ЦЕС) ја претстави новата „паметна“ када која чини 16.000 долари и се контролира од телефон.

Електроника и бања не се баш најдобра комбинација, но изгледа тоа правило не важи ако се бањате во една од најскапите кади на светот, која има вградено амбиентално осветлување, машина за пареа и други „смарт“ додатоци.

Името „Стилнес“ – Мирување, значи не само смирено уживање во топлата бања, туку и во тишина со оглед на тоа што кадата сама се полни одоздола, за разлика од гласниот млаз вода кој тече од чешма.

„Колер“ новата када „Стилнес“ ја продава во неколку варијанти по цена од 6.198 до 16.000 долари. Најскапата верзија е поврзана со дигитален асистент преку кој можете да си ја наполните кадата додека одите накај дома.

Кадата е инспирирана од „шинрин-јоку“или „капење во шума“, што е јапонски обичај на истражување на природата за опуштање и подобрување на благосостојбата.

Компанијата „Колер“ позната по смарт-дизајни, претходно направи туш кој има свој звучник и смарт-асистент.