Љубителите на изборот за песна на Евровизија, воглавно, немаа пофални зборови за синоќешниот настап на македонските претставници „Ај кју“ (Еуе Cue) во Лисабон, судејќи според коментарите на социјалната мрежа „Твитер“.

Голем дел од нив се осврнаа на изборот на облеката што ја носеа членовите на Ај кју, особено на пејачката Марија Ивановска.

„Ова е чудно… Но, палтото ти е облечено наопаку“, „понекогаш ќе ја облечам маицата наопаку, но ќе ја исправам пред да излезам од дома“. „таа облека длабоко ме збунува во која деценија се наоѓаме, можеби во 60-те, 80-те?“, „Девојко, тоа што го носиш е толку светкаво“, гласат дел од коментарите.

Се чини дека ниту спојот на различни музички стилови во песната „Lost and found“ не беше по вкус на љубителите на Евровизија.

„Уште колку песни ќе испрати Македонија пред да премине на нешто поинакво“, „Се чувствувам тажно што Македонија постојано праќа лоши учесници“, „Македонија толку нагло го менува жанрот што звучи исфорсирано“, „доколку шизофренијата беше песна, тоа ќе беше Македонија“, „не сум загреан за Македонија“, „те молам погоди барем една нота“, „оваа песна можеше да победи доколку беше 2003 година“, се вели во твитовите за македонската песна.

Македонија и годинава не успеа да влезе во финалето на Евровизија.