Утврдено е дека величината на зеницата зависи и од заинтересираноста за она што се набљудува. Токму овој факт е искористен за откривање на сексуалната ориентација кај луѓето без инванзивни методи. Без разлика на сексуалната ориентација, вистината за тоа кој ве привлекува може да биде откриена преку очите, потврди истражувањето на Рич Севин Вилијамс, развоен психолог на Универзитетот во Корнел.

Новата студија на Вилијамс е првиот голем експеримент што покажал дека дилатацијата на зеницата одговара на сексуалната ориентација, без разлика на она што некој ќе го пријави како одговор на ова понекогаш незгодно прашање, на кое ретко кој искрено одговара поради културни и традиционални лимити.
– Значи, ако маж вели дека е хетеросексуалец, неговите зеници треба да се прошират кога гледа слики од жени или жени. И обратно, кај геј-мажи нивните зеници се шират кога гледаат слики на мажи или мажи – вели Вилијамс.

Според него, ширењето на зениците е одговор на возбуда и тоа е многу слично како кога се гледаат и други возбудливи или интересни стимули, вклучувајќи го лицето на некој близок или убаво дело на уметноста. Врската меѓу големината на зеницата и возбудата е откриена многу одамна. Во 16 век, во Италија, жените ставале капки во очите направени од токсичната билка беладона, за да му покажат на партнерот дека им се допаѓа. Во експериментот биле вклучени 165 мажи и 160 жени со различна сексуална ориентација.

Според Вилијамс, оваа технологија може да се користи за да се спроведат интеркултурни студии за сексуалноста, со оглед на тоа што дилатацијата на зеницата е универзална за сите народи и раси, а нема ниту религиозни пречки. Методот може да се користи и во психијатријата, за да им помогне на луѓето што се збунети за својата сексуалност да се осознаат себеси и своите желби. Исто така овој метод може да се користи и во криминалистиката.