Очилата што славната глумица и ТВ-водителка Опра Винфри ги носеше во текот на интервјуто со британскиот принц Хари и со неговата сопруга Меган Меркл станаа вистински хит и многу се барани.
Очилата ги произведе компанијата „Готи“ од Ванденсил, близу Цирих, во Швајцарија, која е позната по врвните и квалитетни производи. Сепак, интересот во јавноста за очилата што ги носеше Опра ги изненади дури и првите луѓе на оваа компанија, која ја основал Свен Готи во 1993 година. Досега произведувале рамки за очила во мали количества, околу 10.000 месечно, а ги продаваат независни продавници за оптика. Цената е меѓу 580 и 720 долари.
Моделот ОР02 што го носеше Опра го дизјанирал лично сопственикот Готи, и тоа посебно за американската телевизиска легенда, откако ја запознал преку своите омилени оптичари во Вашингтон.

– Дизајнирав два различни модели за неа, но кога ги виде, толку ѝ се допаднаа што не знаеше кој да го избере, па ги зеде и двата. Винфри има импресивна колекција очила, но овие ги сака затоа што се лесни, наспроти нивната големина – изјавил Готи.
Тој додал дека Опра носела негови очила и во интервјуата со Барак Обама, Лејди Гага, Доли Партон…, но по интервјуто со Хари и Меган, интересот токму за овие очила е огромен и порачки пристигнуваат од сите страни на светот, особено од САД и од Велика Британија.
Инаку, интервјуто што крена прашина во јавноста го гледале најмалку 50 милиони луѓе во САД, Велика Британија и други земји во светот, а во текот на разговорот брачната двојка изнесе тешки обвинувања на сметка на британското кралско семејство.